Охрабрувачки вести од Ресен, оздравуваат и по цели кластери


Најголемото жариште што беше во фабриката „Агроплод“ е ставено под контрола. Нема веќе одење по гости по инфицирањето на семејната слава Спасовден. На улиците на Ресен речиси и не можат да се видат луѓе без маски

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Охрабрувачки вести доаѓаат од Ресен за оздравени пациенти во последните денови од корона вирусот. После дваесеттина дена (од 10 јуни), од кога беше дијагностициран првиот заболен од Ковид-19 во Преспа почнаа да оздравуваат и по пет пациенти на ден. Под контрола е ставен и кластерот „Агроплод“ каде една цела производствена линија од вработени беше позитивна на вирусот. Оздравуваат и заразените од првиот семеен кластер од славата на Спасовден, а оздравеа и заболени вработени во ПЕ на Матични книги во Ресен и се вратија на работа.

„Сега сме добро, стигнуваат охрабрувачки вести, досега имаме околу петнаесетина  оздравени. Се намалува бројот на заболени дневно, во средата имавме пет, во вторникот тројца, ама овие се бројки на пациенти што биле во самоизолација и што немаат контакти за да го шират вирусот. Охрабрувачки е податокот што во овие три-четири денови немаме нов случај од фабриката ‘Агроплод’ каде речиси цела производна линија беше зафатена со вирусот. Немаме точна евиденција колку на број беше тој кластер, но факт е дека најголем број од заболените во градот беа од таму“, изјави за „Независен“ градоначалникот Живко Гошаревски.

Исто така и скринингот што беше направен во фабриката „Алгрета“ во Ресен кај вработените после првиот случај на работник позитивен на вирусот е со поволни резултати што даваат поддршка на целата ситуација.

„После појавата на првиот позитивен случај во ‘Алгрета’ кој, за жал, заврши со смртен исход, и втор случај на вработен кој беше во изолација и не одеше на работа, во оваа фабрика направен е скрининг на 37 вработени и сите се негативни. Мислам дека најлошото помина, иако нормално граѓаните и натаму се со страв, но сепак ги почитуваат мерките и, верувајте, на прсти се бројат оние што не носат маски кога излегуваат од дома“, вели Гошаревски.

Во Ресен досега (заклучно со 2 јули) се дијагностицирани  110 заболени од корона вирусот. Од нив само во последните денови оздравеле 11 пациенти.

Во моментов најголем број од хоспитализираните пациенти во Битолската болница се од Ресен, но сите се во стабилна состојба. Во изолација се 110 лица, кои имале контакт со заболени од вирусот.

„Во моментов на Инфективното одделение во Битола се хоспитализирани вкупно 39 лица, од нив тројца се суспектни. Од Ресен и селата во Преспа на болничко лекување се 21 пациент. Ние како болница имаме спремни капацитети, но доколку се појави потреба имаме подготвено дополнителни капацитети“, изјави Билјана Гагачовска, директор на Клиничката болница Битола.

Празни кафулиња

Стравот кај ресенчани сепак не поминува така лесно. Во Ресен во маркетите нема самопослужување, туку продавачи преку спуштена метална решетка комуницираат со муштериите. Тие им ја полнат кошничката со производи и им ја подаваат преку шалтер, а после секое наплаќање на купената стока преку решетка, повторно се дезинфицира. За ваквиот начин на работа потврдува и ресенскиот градоначалник.

„Точно така се пазари во Ресен. После ова што се случи максимално се почитуваат сите мерки, и за маски и за дистанца, се практикуваат на дело сите препораки на здравствените власти, работат мобилните тимови на општината. Сите ги испочитуваа и нашите мерки кога ги затвориме на две недели поголемите фабрики, сега се отворија и кафетериите и рестораните, секаде сѐ се контролира. Инспекторите се на терен и во градот и во туристичките места и за викендите, нема некои прекршување“, вели Гошаревски.

По појавата на семејните кластери ресенчани велат дека нема веќе одење по гости, а оние што не носат маски се опоменуваат и од самите граѓани, минувачи.

„Да, има поголем број што оздравуваат, но страв постои. Луѓето се чуваат. Забележително е дека сите носат маски, но и се држи дистанца. Несовесните по продавници и по институциите се опоменуваат. Во попладневните и вечерните часови има слаба раздвиженост и излегувањето е колку за воздух. Нема групирање, нема одење по гости“, ни потврдува жителка на Ресен.