Огуз Ерујгун нов генерален директор на „Скопје Мериот“

„Скопје Мериот“, како дел од брендот „Marriott International“, ја одбележува шестата година од своето постоење, со нов генерален менаџер и амбициозни планови за иднина и уште поголема одговорност кон своите клиенти, партнери и соработници, соопштија од хотелот.
„Во пресрет на одбележување на шестиот роденден, дојдоа и низа позитивни промени од кадровски и стратешки аспект како и официјално нов генерален менаџер, Огуз Ерујгун. Ерујгун доаѓа на позицијата наследувајќи го Волфганг Колер, кој по четири успешни години ја продолжува својата мисија во Казахстан, исто во рамки на ‘Мериот’ семејството“, се вели во соопштението до медиумите.
Ерујгун поседува речиси 30 годишно меѓународно искуство во хотелиерството, при што веќе 10 години е дел од интернационалното „Мериот“ семејство менаџирајќи различни хотелски брендови. Последните три години пред да дојде во „Скопје Мериот“ ги помина како генерален менаџер на „Ренесанс Измир“.
Од „Скопје Мериот“ посочуваат дека Ерујгун со своето доаѓање носи нова свежа енергија, иновативни идеи, пристап и непроценливо искуство. Како што вели тој, токму искуството на повеќе работни позиции, посебно задржувајќи се во финансискиот сектор, каде што работел како директор на финансии шест години, му овозможило да ги стекне сите потребни познавања и вештини.
Со своето долгогодишно искуство, Ерујгун ќе има пред сѐ голема одговорност да ја продолжи успешната приказна на „Скопје Мериот“, но исто така успешно да одговори на сите предизвици и високо поставени цели за дополнителен раст и развој на брендот, се вели во соопштението.