Огромната статуа на Атлас повторно ќе го чува храмот на Зевс на Сицилија


Статуата на Атлас наскоро ќе биде исправена пред храмот

Колосалната статуа на Атлас, закопана со векови меѓу античките урнатини, наскоро ќе го заземе своето заслужено место меѓу античките грчки храмови на Агриџенто на Сицилија, Италија.

Археолошкиот парк на градот објави дека уметничкото дело, една од најпознатите скулптури на островот, ќе бидат подигната исправено пред храмот на Зевс.

Во грчката митологија, Атлас бил Титан или бог, кој бил принуден да го носи небото на рамениците, откако бил поразен од Зевс, еден од следната генерација на богови наречени Олимпијци.

Статуата, висока осум метри и изградена во 5 век п.н.е., беше една од речиси четириесетте скулптури кои ја краселе античката градба, сметана за најголем дорски храм кога било изграден, дури иако никогаш не беше завршен и сега лежи во урнатини.

„Повторно поставување на статуата на Атлас е кулминација на посеопфатна реставрација на храмот“, вели Роберто Скијарата, директор на археолошкиот парк.

„Во последната деценија ние ги обновивме и каталогизиравме бројните артефакти кои некогаш беа дел од оригиналната структура… Целта е да се рекомпонира парче-парче трабеацијата [гредите] на Храмот на Зевс за да се врати дел од неговата оригинална раскош“.

Археолозите и архитектите наскоро ќе започнат со работа за подигнување на статуата во Долината на храмовите на Сицилија, по повод основањето на античкиот град Акрагас (сега Агриџенто) пред 2.600 години.

Тоа беше еден од водечките населени центри во регионот за време на златното доба на античка Грција и има седум добро сочувани грчки храмови.

Поглед на Долината на храмовите во Агриџенто

Изградени на висок гребен во тек на 100 години, тие остануваат меѓу најубавите примери на грчката архитектура. Во V век п.н.е., повеќе од 100.000 луѓе живееле таму и, според филозофот Емпедокле, тие „се забавувале како да ќе умрат утре и граделе како да ќе живеат вечно“.

Градот бил уништен во 406 година п.н.е од Картагинците, а неговиот просперитет не се вратил сè до подемот на Тимолеон кон крајот на третиот век пред нашата ера. За време на Пунските војни, Картагинците ја бранеа населбата против Римјаните, кои ја презедоа контролата врз градот во 210 година п.н.е.

За време на римската ера, градот – преименуван во Агригентум (подоцна познат како Гирџенти) – претрпел период на монументална урбана обнова со нови јавни згради, вклучувајќи најмалку два храма.

Низ вековите, тулите од старите споменици на античкиот град биле земени за употреба при изградба на зградите околу Гирџенти и античкото пристаниште на Порто Емпедокле.

Историчарите исто така тврделе дека храмот на Зевс никогаш не бил готов затоа што сè уште немал покрив кога Акрагас го освоиле Картагинците.  (Гардијан)