Огромен пад на приходите на нафтените компании поради пандемијата
Пандемијата предизвикана од корона вирусот остави длабоки лузни во глобалната индустрија за нафта и гас, што деновиве го потврдуваат финансиските извештаи на водечките нафтени компании за 2020 година, кои зборуваат за катастрофален пад на приходите, профитот и за огромни загуби.
Англо-холандскиот нафтен гигант „Ројал Дач Шел“ (Royal Dutch Shell) објави дека прилагодената заработка на компанијата изнесува 4,85 милијарди долари во цела 2020 година, што претставува пад од 71 отсто во споредба со профитот од 16,5 милијарди од 2019 година.
Во последниот квартал од минатата година, прилагодената добивка на компанијата се намали за 87 отсто на годишно ниво, на 393 милиони долари. Финансискиот резултат на „Шел“ не е толку лош во однос на конкурентите како што се американските „Ексон мобајл“ и „Шеврон“ и британската „Бритиш петролеум“.
Тие пријавија големи загуби како резултат на продолжениот пад на побарувачката на енергенси за време на мерките за заклучување, воведени низ целиот свет заради пандемијата.
„Бритиш петролеум“ ја објави оваа недела првата загуба во последната деценија од 5,7 милијарди долари, додека „Ексон“ објави загуба од 22,4 милијарди долари, прва откако стана јавно претпријатие.
Акциите на „Шел“ забележаа занемарлива негативна корекција вчераутро, додека потонаа минатата година, допирајќи го најниското ниво во повеќе од четвртина век на 28 октомври, од 878,1 пени.
Оттогаш се опоравија, но се уште се 40 проценти под вредноста што ја имаа кон крајот на 2019 година, пред ударот на ковидите врз нафтените пазари.
Резултатите на „Шел“ доаѓаат една недела пред презентацијата на долгорочната стратегија што треба да му овозможи на овој гигант да стане компанија со нула нето-емисии на штетни гасови до средината на векот и која треба да ги убеди инвеститорите дека има профитабилна иднина во ниско-јаглеродниот свет.
Компанијата планира големо преструктуирање како дел од програмата за намалување на емисиите на стакленички гасови и има намера да укине 9.000 работни места, што е повеќе од 10 проценти од нејзината работна сила, пренесува Србијаданас.
Реорганизацијата треба да резултира со дополнителни заштеди на годишни трошоци во опсег од две до 2,5 милијарди долари до 2022 година, како дополнение на намалувањето на трошоците објавено минатата година во износ од три до четири милијарди долари.
Паричниот тек на „Шел“ минатата година се намали за речиси петтина во споредба со 2019 година, додека учеството на неговиот долг во капиталот се зголеми на 32 проценти од 29 проценти.