Ограбувачи во Италија затрупани во тунел под банка, ги спасуваа пожарникари


Банда ограбувачи на банки била принудена на помош да ја повика римската полиција да ги извлече од тунелот кој самите го ископале, но се урнал за време на грабежот кој очигледно лошо го испланирале објавиле денеска италијанските медиуми.

Членовите на спасувачките служби вчера вечерта во околу 20 часот извлекле еден повреден маж од урнатиот тунел и го пренеле во болница, а полицијата во меѓувреме привела тројца негови соучесници во грабежот. Се претпоставува дека повикот за помош го пратил еден од крадците.

Се обиделе да ограбат банка
Членовите на бандата, двајца Римјани и двајца Неаполитанци, го искористиле долгиот викенд за Ферагоста, кога повеќето италијански компании не работат, за да провалат во банка и во една компанија во близина.


Но, планот им бил уништен бидејќи лошо го ископале тунелот до банката кој се урнал, па на помош биле принудени да ја повикаат полицијата.

„Помош, ве молам, дојдете и ослободете ме“, бил повикот кој до спасувачките служби го упатил мажот откако се урнал тунелот кој го ископал со своите колеги.

Спасувачките служби ископале друг тунел
Членовите на спасувачките служби, меѓу кои и експерти обучени за помош на загрозени по земјотреси, морале да ископаат друг, паралелен тунел за да помогнат.

Медиумите пишуваат дека за време на процесот за спасување заробениот човек добивал течности и кислород кои го одржувале во живот.