„Огнените“ на ДУИ за власт, моќ и пари, тврди Тачи


Фото: Б. Грданоски
 
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, чија партија е во владина коалиција, вели дека „огнената група” во ДУИ ја открива битката за превласт во таа партија.
 
„Случувањата со огнената група се одраз на внатрешна кадровска битка, на жесток судир на поединци и групи во ДУИ за да се дојде до власт, моќ, тендери и до пари“, вели Тачи. Според него, откако е во власта тој нема вработено ниту еден близок човек или сопартиец. 
 

„Jaс сум бил противник на ДУИ многу порано од кого било од овие лица сега, во време кога дури се креваше револуција за да ме симнат од власт. Но, денес и илјада пати да ме прашате, нема да речам врвот на ДУИ се предавници. А, тоа сега е битка за моќ, тендери, пари“, рече лидерот на ДПА за ТВ21.

Според него, во Собранието на Македонија моментално нема доволно гласови за уставни промени, односно нема 80 пратеници за да може да помине отворањето на Уставот заради внесување на бугарското малцинство.

„Тука зборувам за македонската опозиција која не сака да биде дел од уставните измени. Значи имаме криза за уставни измени, но нема криза за власта. Владејачкото мнозинство е стабилно, а со тоа и Владата”, изјави Тачи.

За разлика од Беса и Алтернатива, како што рече, тој не ја користи власта за партиски вработувања.

„Откако ДПА е во Владата во текот на овие две три години никогаш не сум рекол никому, вработете го овој – оној. Сите други имаа свои сметки од Зиадин Села, преку Биљал Касами до Африм Гаши”, рече Тачи.