Статутарно или не, „огнените“ објавија дека се фракција во ДУИ


Огнената група од ДУИ (Фото: Б. Грданоски)

 

И покрај тоа што нивниот лидер Али Ахмети соопшти дека статутот на партијата не дозволува фракции во партијата, „огнената група“ во ДУИ денеска објави дека ќе дејствува токму на таков начин.

Тоа членовите на групата го соопштија денеска на прес-конференција, изнесувајќи ги причините за ваквото дејствување.

„Како што изјавивме по завршувањето на состанокот на 1 април, официјално ви се обраќаме како фракција. Сметаме дека е демократски чин изразувањето на поинакво мислење и дека тоа ќе ѝ помогне на партијата да ги исправи пропустите во своето функционирање“, рече градоначалникот на Чаир, Висар ганиу.

Тој нагласи дека три години алармирале дека не се почитувале статутот и програмата на партијата. „Се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат, туку на сите Албанци и овој глас нема никој да го замолчи, тој е гласот на разумот и ќе го покажеме тоа на дело преку севкупното функционирање“, рече Ганиу.

Градоначалникот се пожали дека во партијата имало двојни стандарди за време на дебатите и носењето на одлуките. „Нашиот предлог за гласање недоверба на министрите беше одбиен. Политичките одлуки се носат исклучиво од министрите на ДУИ. Органите се третираат како декор“.

Околу најавените можни промени на уставот, Висар Ганиу соопшти дека бил соодветен момент да биде тргната формулата 20 проценти. И се пожали дека „никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА“. Неговата група е против зголемување на платите на функционерите, а во исто време бара минималната плата да се зголеми на 500 евра, да се зголеми просечната плата, да се зголемат платите на вработените во администрација.