Огнена стихија на Балканот: Пожарникарите во Македонија, Хрватска и Грција спасуваа животи и куќи
Разорни шумски пожари ги зафатија Хрватска, Грција и Македонија, предизвикувајќи масовни евакуации, повредени граѓани и огромна материјална штета
Балканот се соочува со драматична и критична состојба откако разорни шумски пожари истовремено ги зафатија Хрватска, Грција и Македонија, предизвикувајќи масовни евакуации, повредени граѓани и огромна материјална штета. Силните ветрови и екстремните температури дополнително ја отежнуваат битката на противпожарните екипи на терен.
Најдраматично изминатото деноноќие беше во Хрватска, каде што беа вложени надчовечки напори и бројни противпожарни средства за да се совлада огнената стихија која се закани да го прогголта Омиш. Во Грција, пожарот се закани на популарното туристичко место Сивири, каде што има и бројни туристи од Македонија.

Во нашата земја исто така беше драматично. Огнот дојде до првите куќи во Богомила, но благодарение на брзата реакција на пожарникарите и локалното насление, но и на пожарникарите од Велес кој дадоа голем допринос за најпрво локализирање и потоа и гаснење на пожарот. Најтешка ситуација беше во пелагонискиот регион, бидејќи огнот ги загрози селата Ивањевци, Лозани и Новоселани. Во село Лостени огнот беше на само 50 метри од куќите, и имаше зафатено висока сува трева…
Херојски потег: Александар со трактор влегол директно во огнот за да ги спаси селата од пожарот
Еден тракторист со храбар потег помогнал да се запре ширењето на пожарот кој ги загрозувал пелагониските села Ивањевци, Лознани и Новоселани.
Станува збор за Александар Чепиговски од Ивањевци, кој со својот трактор влегол директно во огнената линија и орал низ пожарот, со што помогнал да се прекине дел од огнената линија која се движела кон селото.
За неговиот потег информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој го опиша како херојски.

Пожарот во Пелагонија вчера претставувал сериозна опасност за населените места, а огнот во Лознани се приближил на околу 50 метри од првите куќи. Во гасењето биле ангажирани пожарникари од Битола, тимови на ДЗС, припадници на Доброволното противпожарно друштво „Архангел“, но и голем број жители од погодените села.
Во пожарот било повредено и едно лице, кое се здобило со изгореници на дланките и било пренесено во болница.
Ангелов порача дека ваквите ситуации покажуваат колку е важна брзата реакција, но истовремено апелираше до граѓаните на максимална внимателност поради високата опасност од пожари.
Еве сублимат од она што се случуваше вчера вечер и во текот на ноќта во борбата против огнената стихија во трите земји:
Хрватска:
Пожарот кој избувна во Локва Рогозница се прошири со огромна брзина кон Омиш. Околу 2.000 луѓе (жители и туристи) беа итно евакуирани во спортската сала „Рибњак“. Огнот стигна на само 50 метри од центарот на градот, голтајќи куќи, автомобили, чамци, па дури и историската тврдина Фортица.
Медицинска помош им е укажана на 36 лица, од кои 14 се хоспитализирани, а седуммина се наоѓаат во критична состојба со изгореници и респираторни проблеми.
Грција:
Црвен аларм и евакуации на Халкидики: Грчките власти активираа највисок степен на тревога („Red Code“), при што најпогоден е туристичкиот полуостров Халкидики. Вистинска драма се одвиваше на првиот крак на популарната туристичка дестинација, каде што голем шумски пожар, најверојатно предизвикан од искра од паднат електричен столб, брзо се прошири во околината на Сивири и Фурка.
Дури 481 лице беа евакуирани по морски пат со помош на приватни чамци, бродови на крајбрежната служба и траекти. Ситуацијата моментално е делумно ставена под контрола благодарение на над 200 пожарникари и поддршката од воздух.
Македонија:
Најтешкиот ден за неколку населени места во нашата земја. Во изминатото деноноќие се регистрирани дури 40 пожари на отворен простор, од кои голем дел сериозно ги загрозија селата. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, соопшти дека изминатиот ден бил најтежок за ова лето, со оглед на тоа што во селото Богомила (општина Чашка) огнот стигна до првите куќи, но беше спречена катастрофа во последен момент.
Сè уште се активни шест големи пожари, главно во општините Студеничани (над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер), Македонски Брод (месност Видуш) и делови на Битола, Новаци и Крушево. Пожарот во Студеничани се гаси на екстремно непристапен терен со помош на три „ер-трактори“.