Официјално започнува ерата на Солскјер: Норвежанецот доби мандат на три години

Директорот на Манчестер Јунајтед, Ед Вудворд, направи грешки кога бараше тренер со харизмата на сер Алекс Фергусон и посегна за докажани имиња кај Луј ван Гал и Жозе Мурињо, не помина ни експериментот со Дејвид Мојес и сега процени дека на Манчестер Јунајтед му се потребни „ѓаволски“ гени. Оле Гунар Солскјер за овие неколку месеци на „Олд Трафорд“ докажа дека е роден шампион и сега официјално е промовиран во перманентен шеф на стручниот штаб на англискиот гигант!

На клупскиот сајт официјално е објавено: Солскјер потпиша договор до 2022 година! Сосема логичен расплет со оглед на тоа што Норвежанецот оствари 14 победи и две ремија на 19 меча колку што досега го предводеше клубот од „Театарот на соништата“. Откако Солскјер ја презеде диригентската палка од Мурињо на „Олд Трафорд“, ниту еден друг менаџер за истиот период во Премиер лигата не освоил повеќе бодови.

„Од првиот ден се чувствувам како дома во овој посебен клуб… Овие неколку последни месеци беа фантастично искуство. Ова е работата за која сонував отсекогаш и сум повеќе од возбуден што ќе имам шанса на подолг период да го водам овој клуб и се надевам дека ќе ги испорачам успесите кои нашите неверојатни навивачи ги заслужуваат“, изјави Солскјер кој седна на клупата во декември, откако Мурињо беше отпуштен.

И самиот Вудворд го пофали искуството на Солскјер, поврзаноста со културата во клубот, желбата во оган да фрли млади играчи…

Со самото назначување на местото постојан менаџер, значењето на Солскјер автоамтски ќе се зголеми кога станува збор за засилувањата, а англиските медиуми веднаш по официјализирањето на веста излегоа со информации и голем број шпекулации за потенцијалните трансфер мети на Јунајтед во летниот преоден рок.

Најраспространетите говорат за тоа дека Јунајтед е заинтересиран за тројца англиски репрезентативци. Првиот е 21-годишниот десен бек на Кристал Палас Арон Ван-Бисака, вториот е Диклан Рајс, новопечениот сениорски репрезентативец од Вест Хем, а третиот е Џејдон Санчо, моментално највредниот играч од Бундеслигата, а притоа на Јунајтед му е уште попривлечен поради тоа што некогаш го носеше дресот на Манчестер Сити. Желба е и Хари Мегваер од Лестер.

За овие четири игарчи Јунајтед е подготвен да издвои 245.000.000 евра, пишува „Сан“, иако прашање е дали тоа ќе биде доволно.

Локалниот „Манчестер Ивнинг Њуз“ наведува дека управата на клубот е подготвена за еден квалитетен стопер да го собори рекордот кој го постави Ливерпул со Вирџил ван Дајк (84.000.000 евра), но таков би можел да биде евентуално Рафаел Варан од Реал, кој сепак е надвор од домет. Од претходно се споменува Калиду Кулибали од Наполи, потоа Милан Шкринијар од Интер, Јоаким Андерсен од Сампдорија… Ниту една од тие странски мети во моментов не изгледаат така реални.

Иста е ситуацијата и со Герет Бејл, кој повеќе е некоја дамнешна желба на навивачите колку што е вистинска опција, бидејќи Велшанецот во Мадрид има огромна плата, а не толку добар учинок. Калум Хадсон Одои е поблиску до Минхен отколку до Манчестер.

Што се однесува до заминувањата, Маркос Рохо и Ерик Баи се веќе редовни во тие шпекулации, Солскјер не е воодушевен ни од Алексис Санчез, а тој е најплатениот играч во тимот, Хуан Мата останува без договор и би можел да си оди за да ослободи место за некој помлад офанзивец. Матео Дармијан извесно си заминува, како и Антонио Валенсија, додека голема недоумица е што ќе се случи со Андер Ерера, за кого на „Олд Трафорд“ се надеваат дека сепак би можел да остане.

За крај, Солскјер на „Олд Трафорд“ ќе заработува 8.000.000 евра годишно, а со таква плата не се толерираат грешки.