Официјално пуштен во употреба реконструираниот булевар „Гоце Делчев“ во Прилеп


Пригодно во Прилеп денеска беше и официјално пуштен во употреба реконструираниот булевар „Гоце Делчев“ во центарот на градот.

Поради пандемијата, градот го откажа денешното прославување на светецот-заштитник свети Никола со заедничка посна трпеза во центарот на градот, но се погрижи да се официјализира функционирањето на реконструираниот булевар, еден од капиталните проекти вреден околу 62 милиона денари.

Честитајќи им го празникот на прилепчани, премиерот Зоран Заев нагласи дека грижата за здравјето е најбитна, но традицијата на прилепчани останува и ја почитува, а оваа отстапка од традицијата е голем придонес за здравјето. Според Заев, во овој момент многу е битно што градот доби голем инфраструктурен објект кој ќе им користи на сите.

– Оваа година, може да се каже, на друг начин го одбележуваме овој голем празник – со работни успеси во интерес на граѓаните. И во време на пандемија не запре градежната офанзива во Прилеп. Официјално го пуштаме во употреба булеварот „Гоце Делчев“, како најмодерна градска сообраќајница со пешачки и велосипедски патеки, со по две коловозни ленти во двата правца, одделени со зелен појас каде е осветлувањето. Реконстркуцијата е во должина од 560 метри и со реконструкцијата на улицата „Прилепски бранители“ со три коловозни ленти, Прилеп добива модерна сообраќајна инфраструктура, изјави Заев.

Приелпскиот градоначалник Илија Јованоски е горд на светецот заштитник и на реконструктивните капитални зафати за новиот булевар во центарот на градот.

– Булеварот, пешачките патеки и шеталиштето за пешаците се голема придобивка за прилепчани. Со современи сообраќајни знаци, со простор за пешаците, велосипедистите, за инвалидизираните лица, булеварот е еден од најсовремените, рече Јованоски.

За оваа година завршуваат и уште два капитални проекта: реконструкцијата на градскиот стадион „Гоце Делчев“ и неговата доизградба, како и големиот мост кај таканареченото Сточно пазариште. За в година ќе се реконструира Старата прилепска чаршија и ќе се гради нова градинка за потребите на жителите во Прилеп.

Премиерот Зоран Заев, почитувајќи ги традициите, за здравје и во чест на патронот- светецот заштитник на Прилеп, запали свеќа пред параклисот во центарот на градот.