Официјално пуштен магистралниот пат Куманово – Страцин
Реконструираниот магистрален пат Куманово – Страцин, кој е дел од Коридорот 8, денеска беше официјално пуштен во употреба. На церемонијата присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт Благој Бочварски и директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми.
Оваа патна делница е реконструирана во вкупна должина од 31.2 километри, а вкупната вредност на зафатот изнесува 12 милиони евра.
„Оваа делница се рехабилитира за прв пат по 32 години што значи дека во независна Македонија и никогаш не изгледал така како што изгледа денес“, нагласи премиерот Ковачевски на настанот.
„Од најлошиот пат во државата кој водеше од Куманово до границата со Бугарија на Деве Баир сега ќе имаме модерен магистрален пат по кој ќе се вози и побрзо и побезбедно. Овој инфраструктурен проект ќе ја направи нашата земја клучен транзитен центар на Балканот и ќе придонесе за економско јакнење на целиот регион“, рече Ковачевски.