Официјално почна постапката за импичмент на претседателот Мета


Со доставување на барањето во Парламентот албанските владејачки социјалисти и официјално ја почнаа постапката за разрешување на претседателот Илир Мета.

Барањето е потпишано од 55 пратеници, меѓу нив и од новата парламентарна опозиција.

Координаторот на пратеничката група, Таулант Бала, по доставување на барањето рече дека шефот на државата направил неколку повреди на Уставот, со кои сериозно го прекршил „начелото на остварување на суверенитетот од страна на народот“ со што се ставил над Уставот.

– Првично Претседателот на Републиката врз основа на уставните надлежности потпиша уредба со која го одреди датумот на локалните избори, 30 јуни. Одложувањето на овој датум без да одреди друг го негира правото на суверенот да биде тоа. Со овој чин претседателот ги надмина неговите надлежности и се стави над Уставот, рече меѓу другото Бала.

Тој му порача дека е доста од неговото „апсолутистичко однесување“ и „нанесување срам на државата и народот“.

-Кога се беше подготвено за избори, формирани општински изборни комисии, избирачки одбори, подготвен и објавен еднствениот избирачки список, регистрирани партиите за учество, доставени утврдени кандидатските листи, тој се јавува со одлука истите да ги одложи. А образложението е дека бил загрижен за состојбата во земјата и дека не се гарантирани сеопфатни избори. Сето тоа е спротивно со уставните начела, посочи Бала.

Со многуте сериозни прекршувања на Уставот, нагласи Бала, исполнети се условите утврдени во член 90 точка 2, за да побараме постапка за разрешување на претседателот.

За разрешување на Мета потребни се 94 гласови. По дадените 100 гласови за отфрлање на уредбата за одложување на изборите, се верува дека ќе биде изгласано и барањето за отповикување. Според Уставот потоа одлуката на Парламентот треба да ја потврди Уставниот суд, но поради негово нефункционирање не е јасно кој ќе биде следниот чекор на социјалистите.