Официјално: „Мајкрософт“ го надмина „Епл“ и стана највредната компанија во светот


Пазарната вредност на акциите на „Мајкрософт“ го затвори денот на берзата со цена повисока од онаа на „Apple“ за прв пат од 2021 година, крунисувајќи го „Мајкрософт“ со титулата највредна компанија во светот

Во петокот акцијата на Apple порасна за 0,2 отсто, додека Мајкрософт за еден отсто. Тоа резултираше со – највисока досега – пазарна капитализација на Microsoft од 2,887 трилиони долари, според податоците на LSEG. Од друга страна, пазарната капитализација на Apple беше 2,875 трилиони долари заклучно со четвртокот. Пазарната капитализација на Apple достигна врв на 3,081 трилиони долари на 14 декември, според податоците на LSEG, пренесува Reuters.

Акциите на Apple паднаа за три проценти во 2024 година, делумно поради загриженоста за побарувачката на паметни телефони, додека акциите на Мајкрософт пораснаа приближно три проценти во истиот период. Минатата година Мајкрософт постигна раст од 57 проценти, поради неговата клучна улога во областа на генеративната вештачка интелигенција преку партнерство со OpenAI, креаторот на ChatGPT, во кој Мајкрософт инвестираше милиони.

Мајкрософт ја интегрираше OpenAI технологијата во својот софтверски пакет за продуктивност, што придонесе за закрепнување на неговиот облак бизнис во третиот квартал од минатата година. Нејзината предност во вештачката интелигенција создаде предизвик за доминацијата на Google во веб-пребарувањето.

Од друга страна, Apple се соочува со предизвиците на намалената побарувачка, особено за iPhone – потсетиме, продажбата на iPhone во Кина потона – вклучувајќи го и влијанието на економското забавување во Кина поради пандемијата на коронавирус. Прогнозите за продажба за новиот производ на Apple – слушалките со мешана реалност Vision Pro што ќе се продаваат на 2 февруари во САД – не се очекува значително да влијаат на нејзиниот профит во 2024 година, според анализата на UBS.

Се наметна прашањето дали Apple се соочува со најголемото забавување на растот во последните 20 години?

Мајкрософт го презеде привременото водство пред Apple како највредна компанија неколку пати претходно, последен пат во 2021 година, кога грижите за синџирот на снабдување поврзани со пандемијата на коронавирус ги намалија цените на акциите на производителот на iPhone.

Во својот најнов квартален извештај во ноември, Apple објави прогноза за продажба за празничниот квартал што ги разочара очекувањата на Вол Стрит, делумно поради намалената побарувачка за iPad и уреди за носење. Сепак, аналитичарите очекуваат дека приходите на Apple во декември ќе се зголемат за 0,7 отсто, на 117,9 милијарди долари, додека приходите на Мајкрософт се очекуваат да пораснат за 16 отсто до 61,1 милијарди долари, поттикнати од континуираниот раст во бизнисот со облак. Деловниот извештај на Мајкрософт ќе биде објавен во наредните недели.