Официјално: Челзи нема да може да купува нови играчи ова лето

Челзи нема да може да привлече нов фудбалер во тековниот трансфер прозорец. На клубот му е наметната забрана за дојдовни трансфери поради неправилно, според ФИФА, привлекување на странски играчи на возраст под 18 години. Одделно, клубот беше казнет со 475.000 фунти.

Откако лондонскиот тим ја загуби жалбата на една инстанца, сега тие го префрлија случајот кон спортскиот арбитражен суд во Лозана. Од таму, сепак денес објавија дека случајот на Челзи нема да биде разгледан пред 14 август, а пазарот за англиските клубови затвора на 8 август – ден пред почетокот на новата сезона на Островот.

Чудно е дека од „Стемфорд Бриџ“ не го искористија своето право да побараат суспендирање на казната, додека случајот не биде разгледан.

Санкцијата не важи за однапред договорени трансфери. Така на пример, Кристијан Пулишиќ доаѓа од Борусија (Дортмунд), откако договорот беше финализиран уште во почетокот на минатата сезона.

Освен тоа Матео Ковачиќ може да остане трајно на „Стемфорд Бриџ“, бидејќи има таква клаузула во неговиот договор за позајмен од Реал Мадрид.