Официјална Софија призна – споменикот на бугарските војници кај Дреново не е оштетен


Споменикот за загинатите бугарски војници од Првата светска војна. Крај него се гради патот Градско-Прилеп

Бугарското министерство за надворешни работи вечерва соопшти дека споменикот за кој се крена голема врева во Бугарија е во добра состојба и нема никакви оштетувања

 

Во рок од два дена бугарското бугарското Министерство за надворешни работи дава два различни става во однос на големата врева што се крена кај нашиот сосед дека наводно бил осквернавен споменик на бугарските војници од Првата светска војна кај Дреново, Кавадаречко.

Бугарското Министерство за надворешни работи вечерва (петок, 15 октомври), како што јавуваат бугарските медиуми, објави дека „споменикот кај Кавадарци не спаѓа под никаков режим на заштита или е дел од културното наследство, но и покрај тоа е во добра состојба без оштетувања“.

Министерството објаснува дека околу споменикот има земјоделски парцели, кои се обработуваат а тој се заобиколува.

„Споменикот е надвор од местото каде што се изведуваа градежните работи на патната инфраструктура во областа и инспекцијата откри дека не е предизвикана штета. Привремената ограда, која ја дели од санацијата на патот, ќе биде заменета со постојана. Планирано е просторот помеѓу споменикот и патот да биде 4 метри. Околу овој споменик нема гробишта и нема докази дека ги имало.

Со направените проверки, Министерството за надворешни работи сака да ги отфрли сите обвинувања и да апелира да не се вршат такви провокации, кои ги влошуваат билатералните добрососедски односи“, додаваат од бугарското министерство.

Ова соопштение на официјална Софија во вордингот е е речиси исто со денешната реакцијата на макеодонското МНР, во која се вели дека ништо од она што го тврдеше бугарското ВМРО и Фондацијата „Македонија“ не е точно.

Непосредно пред тоа, националната телевизија БНТ објави дека нема таков случај.

Во денешното соопштение на македонското Министерство за надворешни работи стои дека ниту е оштетен споменикот на 193 загинати бугарски војници во Првата светска војна, ниту дека е загрозен од избедбата на експресниот пат Градско-Прилеп, туку дека тие информации се злонамерни шпекулации и повика на внимателност при нивното објавување без да се проверат. МНР соопшти и дека тоа биле очигледни провокации чија интенција е да ги загрозат добрососедските односи меѓу двете земји, и напорите на двете министерства за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на разликите.

Вчера бугарското МНР имаше друг тон во соопштението.

Во него, меѓу другото, се велеше: „Бугарија придава големо значење на прашањето за зачувување на бугарското културно-историско наследство и бугарските воени гробишта во Република Северна Македонија. Со години нашата земја води политика за пребарување и обнова на бугарските воени гробишта и споменици во Република Северна Македонија. Во најголем дел, тие се во многу тешка состојба како резултат на конзистентната политика на дебугаризација спроведена во минатото на територијата на денешна Република Северна Македонија.

Ние постојано баравме помош од властите во Скопје, кои знаат дека ова е едно од болните прашања за Бугарија. Затоа информациите за уништување на две бугарски воени гробишта на територијата на Република Северна Македонија, доставени до нас од Фондацијата ‘Македонија’, се земаат многу сериозно и Министерството за надворешни работи на  Бугарија активно работи на разјаснување фактите и преземе соодветни мерки. Почитувањето на споменот на мртвите е универзално прашање и пристапот кон него е знак за степенот на перцепција на европските вредности“.

Бугарскиот претседател Румен Радев во петокот го осуди „сквернавењето на бугарските воени гробишта во Северна Македонија“ и рече дека случајот го истражуваат министерствата за одбрана и за надворешни работи.

„Ова допрва треба да се утврди, но тоа е систематски процес на дебугаризација, уништување на нашето културно-историско наследство во РС Македонија. Не случајно ова прашање го поставив многу едноставно на Советот во Словенија. Ова е предворјето за  портите за интеграција во ЕУ на РС Македонија – правата на Бугарите, недискриминација, како и нивна целосна интеграција во културниот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот на оваа земја. Исклучително е важно нашата поддршка за нивните барања да биде признаена во уставот на РС Македонија“, рече Румен Радев. (Н.В.)