Официјална Софија: Македонските власти се однесуваа понижувачки кон бугарскиот народ и Бугарија

угарскиот министер за надворешни работи Николај Милков разговарал со македонската амбасадорка Агнеза Руси и од неа побарал враќање на слободата на движење


Бугарското МНР

 

По денешните настани на граничниот премин Деве Баир, кога стотина бугарски државјани останаа заглавени на границата поради дефект со струјата, Министерството за надворешни работи на Бугарија преку долго соопштение објави дека македонските власти се однесувале понижувачки и неприфатливо кон бугарскиот народ и кон Бугарија. Во соопштението се наведува дека денешните настани нанеле сериозна штета кон кон процесот на враќање на довербата. Се наведува дека бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков разговарал со македонската амбасадорка Агнеза Руси и од неа побарал враќање на слободата на движење.

За бугарското МНР е изненадувачки зошто денот на раѓањето на Гоце Делчев не бил обележан со заедничко полагање на венци на претставници на обете држави согласно Договорот за добрососедство, туку тоа било направено поединечно. И дека Делчев бил личност од заедничката историја.

„Ваквите акции ги оценуваме како неисполнување на заложбата да се обезбеди непречен пристап до сите добронамерни граѓани кои сакаат да му оддадат почит на споменот на големиот револуционер. Ова, заедно со неподготвеноста делегациите на Бугарија и Македонија заедно да положат венци претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги нагризува напорите на Бугарија насочени кон зајакнување на добрососедството“.

Се наведува дека според информациите со кои располага бугарското МНР бугарски државјани со часови не биле пропуштани на територијата на Македонија поради аргументи од техничка природа. „Потоа, на дел од бугарските државјани им беше службено забрането да влезат на територијата на нашата соседна земја, а други се вратија поради долгочасовното чекање. Меѓу засегнатите со овие рестриктивни мерки има и новинари против кои се употребени основите на ‘закана по јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи на Република Северна Македонија’. Има информации за насилство од страна на граничните власти на Северна Македонија. Во исто време, во Скопје беше направен крајно изненадувачки, но неуспешен обид да се ограничи големината на бугарската официјална делегација за време на нејзиното поклонување во црквата ‘Св. Спас’“, стои во соопштението.

Се наведува дека министерот за надворешни работи Николај Милков остварил разговор со амбасадорката на Македонија во Софија, Агнеза Руси, „со барање за интервенција и враќање на слободата на движење. Истото прашање во Скопје повеќепати го поставуваше и вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Уште еднаш утврдивме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставници на властите во Северна Македонија не соодветствуваат со ситуацијата на терен. Овој пристап во никој случај не помага за водење конструктивен и добронамерен дијалог“.

Во соопштението на бугарското МНР се наведува дека во медиумите има објави дека се приведени приведени бугарски државјани и дека амбасадата на Бугарија во Скопје официјално се обратила до македонските власти со барање за дополнителни информации. Во соопштението не се наведува зошто се приведени тројцата Бугари, кои дрско ги навредуваа македонските полицајци на границата, па дури се обидоа и физички да се пресметаа со нив. Но министерството соопштува дека „се очекува да им се суди по брза постапка“.

Соопштението завршува со констатацијата дека „за воспоставување добрососедски односи потребни се најмалку двајца искрени партнери. Сè потешко е да се препознае во однесувањето на властите во Скопје вистинска желба да се изгради потребната доверба, пријателство и соработка“.