Офицерскиот дом во Битола: ВМРО ДПМНЕ ќе го продаваше, СДСМ го обновува


Реконструкцијата на Офицерскиот дом ќе чини близу милион евра

Пред четири години тогашната власт за малку ќе ја продадеше гордоста на Битола во 2016 година. Остри реакции имаше не само во Битола туку и во целата држава, па ВМРО-ДПМНЕ се откажа од идејата. Сегашнава власт со грант од Европската унија го обновува и ќе го претвори во дом на уметноста

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Се реконструира Офицерскиот дом во Битола. Велелепниот објект на Широк Сокак од срам на градот повторно прераснува во гордост за битолчани. Локалната власт во Битола годинава интензивно работи на реконструкција на објектот, па сликата на запустен, искршен и искраден објект се менува од ден на ден. Корона кризата не беше пречка да се уредува внатрешноста. Така веќе се  заменува дограмата, се поставува нов инсталациски систем, се гради нова инфраструктура за објектот.

„Ќе започнам со реконструирање на Офицерски дом, меѓутоа на законит и легален начин, со правна процедура“, најави градоначалничката на Битола Нашата Петровска.

Реконструкцијата на Офицерскиот дом се реализира во рамките на проектот: „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерно уредување“, проект кој го изработи Општина Битола и доби грант од Европската унија.

Официјалните податоци од Општина Битола потврдуваат дека за зафатот се обезбедени 58 милиони денари (околу 950 илјади евра), преку Европската унија  во соработка со ЛРЦП и поддршка на Владата за реставрација на Офицерскиот дом.

Општината со два милиони денари обезбеди дополнително современ систем на канализација, со кој домот ќе го приклучи до уличната канализациска мрежа.

„Според договорот, во однос на градежните зафати Офицерскиот дом треба да биде реконструиран до ноември годинава (меѓутоа поради ковид кризата постои клаузула за продолжување на времето). Ова се однесува на градежните зафати, не и на пуштањето во употреба“, велат од Општина Битола за „Независен“.

Во целиот овој зафат нема да се реконструира само Офицерскиот дом туку и целокупното опкружување на објектот. Од локалната власт велат дека дополнително, за да се затвори како убава целина, општината ќе ја реконструира улицата „Македонска фаланга“ што е на потегот од ресторанот „Ловец“ до  поранешниот Аеро клуб на спојот со Широк Сокак. Заедно со хортиклултурното уредување овој дел од срцето на Битола треба да добие нов изглед.

Офицерскиот секогаш имал посебно место во срцето на битолчани

Битолчани се задоволни од промените што се случуваат во Офицерски.

„Офицерскиот дом е прекрасна, безвремена градба со раскошна убавина. Некогаш, тоа здание беше недопирливо за обичниот битолчанец, во тие раскошни сали имаше пристап само елитата… Концерти, игранки, балови… Беше обвиткан со чудна магија на тајната… Прекрасната фасада беше слика за спомен на обичниот вљубеник, затоа и толку е омилен… Беше срам за градот што со години пропаѓаше. Сега нека биде култно место, нека зрачи со љубов, нека блеска со својата убавина“, ни рече поетот и новинар Панде Манојлов.

Бившата власт се обиде да го продаде Офицерски

Офицерски дом во Битола со децении беше срам за градот на конзулите. Сјајот и раскошот на некогашниот гламурозен објект се заменија со крш и пустош. Запуштен и претворен во руина, Офицерски будеше чувство на сожалување, но и револт и гнев кај минувачите. Раскошната фасада пропаѓаше од година во година, ѕидовите испукаа и мувлосаа. Стана дувло на бездомници и наркомани, па прозорците ги искршија, паркетот го откорнаа, не остана ниту кристалниот лустер што го наследи Битола од Офицерскиот дом  во Скопје во 1973 година. Лустерот пред неколку години во неразјаснети околности падна од таванот и се искрши.

Во јануари 2016 година меѓу битолчани силно одекна објавениот оглас во кој стоеше дека се продава објект на улица „Маршал Тито“ во Битола, објект на поранешен „Офицерски дом Битола“, во површина од 1.970м² и проценета вредност од 55.608.730 денари. Тогашната опозиција на СДСМ силно се спротивстави на намерата на власта на ВМРО-ДПМНЕ објектот да се продаде. Кусо после ова Офицерски стана сведок на протести. Големи реакции имаше не само во Битола, туку и во целата држава, па тогашната власт мораше да се повле. Од таму прва тргнуваше „Шарената револуција“, а потоа стана собиралиште и на учесниците во контрапротестите.

Во 2017 година, бившиот градоначалник Владимир Талески се најде на суд како обвинет од ОЈО бидејќи додека бил градоначалник не водел грижа за зградата на Офицерскиот дом во Битола и лустерот во него, не го обезбедил објектот и не презел сѐ што било потребно за негова заштита, па ѝ нанел штета на Општина Битола.

Сепак, судот донесе ослободителна пресуда за Талески и никој не понесе одговорност за запоставувањето на објектот кој е споменик на културата од прва категорија.

„Јасно е дека многу поинаку работиме и многу поразлично работиме. Објектот којшто тие сакаа да го продаваат, ние го обновуваме. Токму затоа, најмалку во Битола, можат да зборуваат за обнова, затоа што оваа локална и централна власт, веќе го работат тоа во големи размери во Битола. Овој објект е типичен доказ за тоа“, рече градоначалничката Петровска неодамна при увидот на градежните работи.

Офицерски ќе прерасне во дом на уметноста

Големите се плановите на актуелната локална власт Офицерски да прерасне во дом на уметноста.

„Според инвеститорот (ЕУ), важна е функционалноста, но и одржливоста на објектот. Финалните верзии се доработуваат преку проектната документација која ќе биде доставена до Светска банка и делегацијата на ЕУ, но определена е  функционалноста на објектот – тој ќе биде дом на уметноста. Намената ќе биде за културни настани, за невладини организации, бизнис сектор, музејски поставки, концерти“, ни изјавија од Општина Битола.

Во мај годинава Советот на Општина Битола ја освои одлуката за основање на јавна општинска установа за култура која ќе управува со Офицерскиот дом и киното „Манаки“ во Битола.

Советниците од опозицијата се противеа на основањето на новата установа и предложија со киното „Манаки“ да стопанисува Центарот за култура, а Офицерскиот дом да биде алтернативна културна сцена, но не посебна институција.

„Офицерскиот дом би можел да биде сцена за алтернативна уметност, исто така може да биде простор и за други уметности. Но не класична институција, бидејќи во Битола ги има повеќе од доволно“, рече Борче Димитровски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Културните работници од Битола велат дека мора да постои институционална рамка, пред се заради функционалноста и одржливоста на објектот, но јавно прашуваат како ќе се дојде до тоа решение.

Офицерскиот дом од гордост на градот беше претворен во дувло

„Моите чувства се поделени, од една страна многу се радувам и го поздравувам ова што се случува околу реконструкцијата и ставање во функција, тоа за нас значи затворање на лошите искуства кои се провлекуваат со децении. Од друга страна, како културен работник кои има организирано и многу настани таму уште од 1993 до 2000 година и подоцна, до мене не допрела јасна информација или стратегија како во иднина ќе функционира идниот културен центар. Сметам дека тој заслужува поголема транспарентност и вклученост на поединци и институции со што само би се зголемило чувството на припадност и поддршка на идното работење. Ја поздравувам идејата со порака да не се дозволи тој да биде употребен за згрижување на партиски војници. Офицерскиот дом не е само институција тоа е симбол, не само на конзулска Битола, туку и на непокорот на градот“, ни изјави Тоше Ивановски, културен работник.

Годинава се навршуваат 109 години од почетокот на изградбата на Офицерскиот дом во Битола во 1911, кога управник на битолскиот вилает бил Абдул Керим Паша. Поради Балканските војни и Првата светска војна, објектот бил довршен во 1919 година.