Офицерски дом со звуците на „Стабат Матер“ – Битола уживаше во Велигденски концерт


Фото: И Христова

Синоќа во Битола, во изведба на Камерниот oркестар „IWConnect“ прозвучи извонредното дело „Стабат Матер” на Перголези, а повод беше Велигденскиот концерт кој овој оркестар за прв пат го направи во реновираното здание на Офицерскиот дом.

Фото: И. Христова

Како солисти настапија сопранистката Билјана Јосифов, контратенорот, инаку гостин од Србија Бојан Булатовиќ, а оркестарот настапи под водство на уметничкиот директор и диригент на овој ансамбл Владимир Димовски.

Кантата на Перголези, која често се изведува на вакви наменски претпразнични концерти низ светот, е само доказ колку талентот на овој извонреден композитор е генијален, а ќе создаваше уште многу ако не завршеше неговиот живот во 26-тата година. Многумина сметаат дека, во само 10 годишниот музички опус создал генијални дела кои се едначат со она што го создавале Моцарт и Бах.

Фото: И. Христова
Офицерски дом со својата акустика, синоќа беше само доказ колку таа сала е иделна за вакви камерни концерти на класична музика и колку истиот тој простор недостигаше, со оглед на годините во кои беше тотално запуштен.
Фото: И. Христова

На програмата вечерта се најде и концертот за две виолини од Антонио Вивалди, каде солисти беа виолинистите Валентин Наумов и Владимир Цветковски.