Одземени петте деца на двајца велешани, тие се во притвор


На 07.08.2026 во 20:40 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги лишија од слобода Ѓ.Ш.(33) и 29-годишната С.Ш., двајцата од Велес, постапувајќи по претходна пријава за запуштање и малтретирање на дете.

Полициски службеници и претставници од Центар за социјални работи Велес извршиле увид во домот каде престојуваат Ѓ.Ш., С.Ш. и нивните пет малолетни деца, при што било констатирано дека немало основни услови за живот и одгледување на децата.

За настанот бил известен јавен обвинител, а со родителите бил извршен службен разговор. Во содејство на инспектор за малолетници и социјални работници од Центар за социјални работи Велес децата биле однесени во Општа болница Велес за утврдување на нивната здравствена состојба, по што биле предадени во Центар за поддршка на згрижувачки семејства „СОС Детско село“.

По целосно расчистување и документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.