Одземени ингеренциите на Општина Битола за градинките „Естреја Овадија – Мара“
БИТОЛА -Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги одзеде надлежностите на Општина Битола, на градоначалникот Тони Коњановски и Советот на општина Битола за управување со установата „Естреја Овадија – Мара“, која во својот состав има 9 градинки. Причината за ваквиот потег на Министерството е неизгласувањето на седница на Советот на членот на Управен одбор од редот на вработените, потврдуваат од градинката за „Независен“. Тоа значи дека именувањето на членот на УО од редот на вработените сега нема да се гласа на седница на Советот, туку на седница на Владата, со тоа што УО ќе биде во полн состав од 7 члена.
Во образложението на Министерството пишува дека „се одземаат надлежностите на градоначалникот на Општина Битола и Советот на Општина Битола за избирање и разрешување на член на УО во ЈОУДГ „Естреја Овадија – Мара“ Битола, од редот на вработените како претставник на установата во постапка пропишана со статут на установата и Законот за детска заштита. МТСП ќе ги врши одземените работи од надлежноста на општината за избирање и назначување на член на УО во однос на јавната општинска установа, како претставник на установата во постапка пропишана со статут во име и на сметка на Општина Битола“, стои во решението од Министерството кое стаса на адреса на градинката.
„Беше блокирана установата во делот на носењето на одлуки речиси три месеци до денешен ден, без Управен одбор. Претходно Советот на Општина Битола не даде согласност ниту за годишната програма за 2021-2022, ниту пак за извештајот 2020-2021, без никакво образложение, иако во изминатиот период беа направени досега најголеми вложувања во реконструкција и обнова на градинките. Но,денеска Министерството за труд и социјална политика ги одзеде ингеренциите на градоначалникот и Советот. Продолжуваме да работиме посветено и домаќински бидејќи промената на подобро во сите 9 објекти е голема и значајна“, вели Лидија Тфирст-Митревска, директорка на градинката „Естреја Овадија -Мара“.
Од Општина Битола до овој момент немаат допис од Министерството за одземените ингеренции.
Познавачите на приликите велат дека ваквиот потег на градоначалникот и Советот на Општина Битола е всушност увертира со цел да се сменат директорите на градинките во Битола кои имаат важечки мандат. (А.Б.)