Одземени две возила и мопед – биле управувани без возачка дозвола


Илустрација (Фото: Б. Грданоски)

Три возила, два автомобили и еден мопед се одземени во последните 24 часа, откако полицијата утврдила дека возачите ги возеле без возачка дозвола. 

Ноќеска, во 01:40 часот кај наплатната станица Гостивар, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Гостивар го лишија од слобода Б.М.(38) од Кичево. Тој бил затекнат како управува патничко возило „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, без возачка дозвола. Лицето е приведено во полициска станица поради основи на сомнение за сторено кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик, а возилото е одземено. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера, во 17:30 часот на улица „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово лишија од слобода 16-годишник од Тетово. При сообраќајна контрола било сопрено патничко моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од малолетникот, при што било утврдено дека го управувал без возачка дозвола. Возилото е одземено, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

Во неделата, во 15:05 часот во Радовиш, полициски службеници го лишија од слобода Џ.А.(20) од Радовиш. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле мопед со радовишки регистарски ознаки, кој го управувал Џ.А. и по преземени мерки било констатирано дека го управува без да поседува возачка дозвола. Мопедот е одземен, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш. По документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.