Oдржливоста не е само носење органска маица, туку начин на живот: Ирина Тошева открива зошто е време за Fashion Revolution Week


Лејла Сабит

Прекинот на модната индустрија е потсетник за реструктурирањето што многумина сметаат дека му е потребно на модниот свет. Дел на ова гледаат како можност да се „ресетираат“, да го модернизираат секторот, ја согледуваат важноста на локалното производство, разгледувајќи и опции како да се префрлат на повеќе еколошки и општествено одговорни начини на работа. Брендовите мислеа дека имаат години додека да постават одржливи бизнис модели (Агендата 2030 година на Целите за одржлив развој), процес кој пандемијата го намали на недели. Се забрзаа структурните промени што ги гледаме низ малопродажбата и општеството последнава деценија- подлабока интернет интеракција и е-трговија подалеку од продавниците, иако социјалните мрежи донекаде и го „подготвуваа“ светот за социјално дистанцирање, вели дизајнерката Ирина Тошева која лани, како член на македонскиот огранок на светското глобално движење Fashion Revolution ја подигаше свеста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо „fast fashion“ модни парчиња кои навидум ги купуваме евтино, а понекогаш ги употребуваме и само еднаш.
Осум години е на македонската модна сцена, а веќе етаблирана со своите ангажирани колекции и модни приказни кои воодушевуваат со оригиналноста. Го најде својот моден пат меѓу потрошувачите но и организациите и институциите кои знаат да препознаат добра модна идеа, но и успешна реализација. Преклани беше актуелна како ментор на серијата работилници за одржлив дизајн од текстилен отпад, соработка на Модниот викенд-Скопје и Британскиот совет.

Фото: Фјола Абдулахи

Во разговорот за „Независен“ Тошева вели дека пандемијата нè принуди да се фокусираме, овде и сега на суштинското: преживување.
-Луѓето во моментов чувствуваат вознемиреност и страв за своето здравје и работните места, не размислувајќи за последните трендови и парчиња облека. Грижата, мотивационите, интересни приказни и малите „херојства“ во моментов се клучни, наместо агресивното бомбардирање со производи по социјалните мрежи. Дизајнерите, брендовите сега треба да градат подлабоки врски со своите купувачи, врски кои ги надминуваат трансакциите, вели Тошева.
Во моментов според дизајнерката, располагаме со најголемиот луксуз- времето. Времее убаво и темелно да ги обмислиме следните проекти, да истражиме и научиме нешто ново, да земеме здив и сфатиме до каде сме и каде допрва сакаме да бидеме.

Фото: Fashion Revolution Macedonia

-Fashion Revolution Week се случува секоја година во неделата во која е 24 април. Овој датум ја означува годишнината од рушењето на Рана Плаза комплексот на фабрики во Бангладеш во кој над 5000 работници произведуваа облека за познати модни брендови, а повеќе од 1000, главно жени, го изгубија животот. Така и започна модната револуција, која прерасна во глобално движење кое подеднакво ги вреднува луѓето, околината, креативноста и профитот.
#WhoMadeMyClothes е светска кампања на Fashion Revolution секој април, каде што потрошувачите отворено ги прашуваат омилените брендови. Наизменично произлегоа и #IMadeYourClothes со која се доближуваат приказните на работниците за условите во кои тие работат и кампањата #WhatsInMyClothes и користењето на одржливи и рециклирани материјали. Сето ова помага да се постигне поголема транспарентност во модната индустрија. Потрошувачите имаат моќ да ја направат таа промена, но повеќето не размислуваат за тоа, објаснува Тошева.
Додека седиме во домот и размислуваме како светот драстично ќе се промени, според Ирина, треба да го преиспитаме и сопственото однесување, особено слепиот конзумеризам кој го движи модниот систем. За да бидеме одржливи како индустрија, но пред сè и како луѓе, треба да сфатиме дека одржливоста не е само носење органска маица, туку начин на живот.