Одржлива мода во Скопје: Облека + природа (едиторијал)


Моден викенд Скопје кој синоќа се отвори во присуство на бројна публика и медиуми,  за 22-то издание се здружи со агенцијата ONLYAFEW, со една и единствена цел – да им пружи максимална поддршка на креативните дејци во моментот, со внимателна селекција на учесници кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата, позитивно влијаејќи на свеста на заедницата.

Во рамки на тридневниот поп-ап шоурум „Свесна Мода“, публиката сèуште има единствена прилика да го посети изложбено-продажниот салон во Јавна Соба и си купи уникатни креации на големи попусти од петнаесетмината македонски дизајнери и странски брендови, чиишто колекции се достапни по максимално поволни цени.

На програмата се и арт инсталација од Цветна Фабрикаи MG Art, изложба на студентите од академијата за моден дизајн при школата Џолев и Уметностите, едукативно предавање од Модна Револуција, музички перформанс на Јон Бела и гурмански веге задоволства.Петок (02.10) и сабота (03.10) влезот е слободени за сите заинтересирани посетители од 10 до 22 часот.

Очекувајќи ги сите изненадувања што ни претстојат овие два дена, екслузивно ви го презентираме едиторијалот изработен непосредно пред настанот во копродукција со магазинот Скала. Заштитно лице е прекрасната Дрита Абдиу од агенцијата Подиум, а деби пред објективот има и младиот Кристијан Вржалковски. Автор на фотографиите е Антонио Станков под креативна палка на Дејан Џолев. Кристина Илиевска ги склопи комбинациите со микс на облека и аксесоари од понудата на шоурмот.

Занесната шминка е дело на визажистата Милена Косиќ од школата за убавина АРТ, користејќи производи oд богатата палета на Farmasi, додека за фризурата е заслужно студиото Cool Cut. За здрава и негувана кожа на нашата убавица, највеќе придонесе француската медицинска козметика URIAGE.

Сите мултимедијални содржини од фото и видео сесијата ќе се објавуваат тековно и онлајн на социјалните мрежи Инстаграм и Фесјбук.