Одржано првото рочиште од повторното судење за Златна зора – мирен протест пред судот


По речиси шест часа и неколку прекини, попладнево во атинскиот суд се одржа првото рочиште од повторното судење на Златна зора по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен, јави дописничката на МИА од Атина.

Судењето ќе продолжи на 6 јули, а беше прекинато по анонимниот телефонски повик за бомба во судот.

Во судницата беа присутни дел од осудените поранешни пратеници од Златна Зора, додека пак лидерот Никос Михалољакос беше отсутен, но преку неговиот адвокат побара одложување на рочиштето.

Четворица од осудените, меѓу кои и европратеникот Јанис Лагос, кој беше присутен, побараа да им се укинат казните, бидејќи како што рекоа, тие или нивните семејства претрпеле ненадоместлива штета.

Обвинителката побара да се одбијат сите барања, но судот одлуката ќе ја соопшти на следното рочиште, на 6 јули.

Паралелно со рочиштето, рано утрово, се одржа и мирен протест пред судот против Златна зора, партијата која според пресудата е криминална организација.

Седум години по почетокот и 20 месеци по завршувањето на еден од најголемите и историски судски процеси во Грција, оној против Златна зора, денеска, судењето почна одново по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен.

На почетокот на октомври 2020 година, судот пресуди дека Златна зора е криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, кои веќе ги издржуваат.

Во обемниот судски процес, осудени беа 50 лица.

Лидерот на Златна зора Никос Михалољакс и пет поранешни пратеници од партијата, добија 13 години затворска казна за формирање криминална организација, останатите пратеници добија од пет до седум години, а убиецот на музичарот Павлос Фисас, доби доживотна затворска казна.

Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент.