Одржан првиот состанок на Комитетот за преговори за пристапување во ЕУ

Комитетот за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија одржа конститутивен состанок на кој се разгледуваа модели за вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на пристапни преговори, со цел поадекватно позиционирање на државата во клучните фази на процесот на пристапување на земјата во Унијата, соопшти вечерва владината прес-служба.

На состанокот е поздравена иницијативата и се дадени насоки за разработување на моделот на вклучување на граѓанските организации во процесот на пристапни преговори за членство на нашата земја во ЕУ.

Премиерот Зоран Заев, кој претседава со ова тело,  ја истакнал потребата од брза реакција на сите кои ќе бидат вклучени во процесот во една од најзначајните фази за нашата држава.

Комитетот е највисоко работно тело за координација на процесот на пристапни преговори.  Ги разгледува и утврдува предлог-преговарачките позиции, расправа и зазема став по најважните прашања кои произлегуваат од преговорите. Ја утврдува динамиката на преговорите, роковите за хармонизација на законодавството и изворите на потребните финансиски средства за исполнување на преземените обврски во текот на преговорите.