Одобрени средства за улицата „Цветан Димов“ во Чаир, над 100 повеќедецениски дрвја се во опасност да бидат отстранети


Со 30 гласа „За“ Советот на Град Скопје даде 140 милиони денари за улицата „Цветан Димов“ во Чаир иако проектот за улицата не е јавно достапен ниту го видел некој од советниците, алармираат од иницијативата Зелен Хуман Град. 

Оттаму деновиве предупредија дека со изградбата на оваа улица ќе се исече дрворедот и со тоа ќе има, како што велат, уште една пустина во Скопје. 

 

Од ЗХГ ги споделија и фактите: 

– 140 мил. мкд се 20% од годишниот буџет на Град Скопје за улици и патишта

– Според јавно достапни проценки (сосе експропријациите), вкупната сума за улицата може да надмине 6,5 милиони евра

– На потегот има над 100 повеќедецениски дрвја кои се во опасност да бидат отстранети

– Не постојат никакви гаранции дека со 6,5 милиони евра ќе се создаде безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот.

– Ги прашавме советниците дали практикуваат да даваат свои пари без да знаат што купуваат. Ако со своите пари не го прават тоа, зошто им е прифатливо да го прават со парите на граѓаните?! Апелираме до сите жители на Скопје: контактирајте ги советниците за кои сте гласале, инсистирајте Советот да не дозволи работите на терен да започнат без јавноста да има увид во проектот и доволно простор за тој проект да се смени ако има потреба, порачаа денеска од ЗХГ.