Одобрена нова градежно-геодетска струка во средното училиште во Крива Паланка


Во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка, во следната учебна 2022/23 година ќе се воведе нова дуална паралелка, градежно-геодетска струка за која со конкурсот е предвидено да се запишат 25 ученика.
 
По направените консултации со компаниите и нивните потреби од квалификуван работен кадар, оваа градежно – геодетска струка се воведува и ќе донесе нови гадежни техничари во соработка со ЈП „Комуналец“ Крива Паланка и „Хантерс“ ДООЕЛ Скопје.
 
Процесот за унапредување на средното стручно образование што го започна Министерството за образование и наука со поддршка на Швајцарската амбасада,и во Општина Крива Паланка од минатата година успешно се реализира со примена на дуално образование во соработка со компании од градот.
 
-Минатата година беше воведена паралелка за медицинска сестра за која имаше голем интерес и ја изучуваат 28 ученици. Благодарение на транспарентниот социјален дијалог што Владата и МОН го реализираа заедно со Општина Крива Паланка, во нашето училиште минатата учебна година беа запишани поголем број ученици во средно стручно образование со вкупно четири дуални паралелки кои се стипендирани од МОН. Овој процес продолжи успешно да се спроведува како одличен механизам за дизајнирање на новите образовни профили согласно потребите на пазарот на трудот и затоа во наредната учебна година (2022/2023) се воведува дуална паралелка и од градежната струка, покрај здравствена струка. Така што продолжува праксата за развој и унапредување на можностите за младите, рече директорката на СОУ Ѓорче Петров, Габриела Стаменковска.
 
Покрај горенаведените струки, отворен е конкурсот за дуално образование во следните паралелки: машинска струка – машински техничар и електротехничка струка – електротехничар за компјутерска техника и автоматика во соработка со Дема-стил ДОО Крива Паланка и угостителско – туристичка струка – келнер, слаткар, готвач во соработка со Парк Гиновци ДООЕЛ. Покрај тоа, во гимназијата ќе има и четири гимназиски паралелки.