Односите меѓу Грција и Албанија неповратно се влошуваат

Прво случајот на упасениот градоначалник Белерис, а сега барањето за укинување на војната ги доведоа двете земји во фаза на голема недоверба


Комплицирани денови во односите меѓу двата соседи

 

Прашањето е загадочно, а одговорот уште позагадочен – што сака да постигне албанскиот премиер Еди Рама со каскадното влошување на односите со Грција и при тоа драматично да го загрози патот на пристапувањето на неговата земја во ЕУ. Случајот „Белерис“ (уапсениот градоначалник на Химара) е во жижата на односите меѓу двете земји веќе 14 месеци, па дојдоа резултатите од пописот во Албанија (наводно, во земјата живеат само 50.000 припадници на девет признаени малцинство, а избројани се 2,4 милиони жители), а сега во политичката агенда во Тирана се постави „прашањето“ на војната од 1940 година.

Минатата недела Централната изборна комисија одлучи да му се одземе мандатот на Фреди Белерис (иако тој никогаш не поднесе заклетва) и нови избори за градоначалник на Химара да се одржат на 4 август. Белерис на европските избори беше избран за европратеник од листата на владејачката Нова демократија во Грција и тој би требало да се појави на 16 јули на првата пленарна седница на новиот состав на европското законодавно тело во Стразбур. Засега не се знае дали албанските власти ќе го пуштат тој да излезе од земјата.

Изминатите 14 месеци ги одведоа грчко-албанските односи на децениски најниско ниво. Досега Белерис се шеташе меѓу затвори, судови и комисии, а единственото одобрено отсуство беа шестче часа што го доби на крајот на минатиот декември за да присуствува на погребот на неговата баба во Химара. Доколку властите во Тирана одлучат дека тој може да оди во Европскиот парламент или да биде ослободен од затвор, бидејќи веќе отслужил значителен дел од својата двегодишна затворска казна, тоа би одреден сигнал за деескалација од страна на Тирана на меѓусебните односи, што може да биде чекор на елиминирање на блокадата на Грција на европските аспирации на Албанија. Но тоа во овој момент изгледа далечно решение.

Дополнително на ова, од нигде-никаде во билатералната агенда се враќа „мртвото“ прашање за укинувањето од Атина на воената состојба меѓу двете земји.

Во албанскиот парламент е доставена резолуција, која веќе беше одобрена од шефовите на пратеничките групи на двете најголеми партии, Социјалистичката и Демократската, а следната недела за неа треба да се расправа на пленарна седница. Се вели дека се работи за иницијативата на партијата на Чамите.

Шефот на Партијата на правда, интеграција и единство (ПДИУ), Шпетим Идризи, до Собранието достави предлог-резолуција, со која се бара кабинетот да ги вложи сите можни напори со грчката влада за укинување на законот за војна со Грција и правните последици што произлегуваат од него. Партијата ПДИУ е националистичка и е позната како голем заговорник за правата на Чамите (албанско етничко малцинство во Епир во Грција), како и за правата на Албанците во Македонија и Прешевската Долина во Србија.

Идризи вели дека спротивно на духот на Договорот за пријателство, соработка, добрососедство и безбедност, како и повеќекратно изразената билатерална политичка волја, двете земји сѐ уште биле во војна.

Резолуцијата беше прифатена од двете најголеми партии и според државната министерка Елиза Спиропали, на 18 јули ќе биде ставена на одобрување во парламентот, чија одлука ќе го обврзе кабинетот да го постави прашањето до Атина.

Како „војна“ во грчко-албанските односи се смета режимот наметнат од грчката страна со кралски декрет од 1940 година, веднаш по инвазијата на територијата на Албанија од страна на италијанските трупи, во чии редови се бореа и албанските воени единици.

Грција ја укина состојбата на „војна“ во 1987 година со одлука на владата, по препорака на тогашниот министер за надворешни работи Каролос Папуљас, со што драматично се подобри климата во грчко-албанските односи.

Албанците, иако гестот на Атина го оценија како многу позитивен, постојано инсистираат отстранувањето да го изгласа и грчкиот парламент и затоа што во заднина се криеле територијалните претензии кон нивната земја.

Фашистичките војски на Бенито Мусолини ја окупраа Албанија во 1939 година. Италија сакше да освои и делови од Епир во Грција и ја започна Грчко-италијанската војна во 1940. Во жестоките борби грчката армија ги потисна Италијанците назад во Албанија.

Според грчката амбасада во Тирана, околу 8.000 грчки војници загинале во Албанија за време на Грчко-италијанската војна, од кои 1.300 се закопани на гробишта во Албанија.

Грција го донесе Законот за војна со Албанија во октомври 1940 година, откако Италија на Мусолини ја нападна земјата од окупирана Албанија.

Иако Албанија и Грција го потпишаа Договорот за пријателство, соработка, добрососедство и безбедност во 1996 година, двата сојузници на НАТО, технички, сè уште се во состојба на војна.

Законот долго време е извор на тензии меѓу двете земји. Албанија придава големо значење на укинувањето на војната бидејќи смета дека може да ја отвори вратата за барањата на членовите на албанското малцинство Чами за репарации или враќање на конфискуваниот имот. Чамите се албанско малцинство кое порано живееше во сегашниот грчки регион Епир. За време на Втората светска војна, Грција ги протера повеќето Чами, обвинувајќи ги за соработка со окупаторските сили.

Од 1990-тите, Албанија бара репарации, а Чамите во Албанија се залагаат за право на враќање. Грција ги отфрла овие тврдења и вели дека секој што има побарувања поврзани со имот треба да го поднесе предметот на суд.

Грција беше еден од главните промотори на Албанија на нејзиниот пат кон ЕУ. Во 2014, токму за време на претседавањето на Грција со ЕУ, Албанија доби кандидатски статус. Тие „спокојни“ времиња сега ги нема. Еди Рама има свој план, кој веројатно ќе ја остави Албанија подалеку од портите на ЕУ. Која е крајната цел допрва треба да се види. (Љ.П.)