Одморот во странство бил луксуз: Владината потрошувачка кошница е за тричлено семејство
Поранешните потрошувачки кошници досега биле наменети за политикантство, вели заменик-министерот Ристески. Со новата ќе се штител стандардот на граѓаните

Владата во новата просечна кошница ќе го штити стандардот на граѓаните со тоа што ќе ја пресметува за тричлено семејство, наместо за четиричлено како во сидикалната кошница, но и со кратење на одморите во странство, алкохолот, цигарите и други производи кои ги смета за луксуз.
Како што изјави денес заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, ќе се настојува просечната кошница да биде претставена пред Економско-социјалниот совет до крајот на овој месец, со забелешка дека сите заклучоци кои се носат таму имаат советодавно дејство, што значи дека евентуалното противење на синдикатите или работодавците нема да ја спречи нејзината примена. Ристески рече дека податоците од просечната кошница ќе се користат единствено како насока за спроведување на економските политики во заштита на животниот стандард на граѓаните, а не за политиканство, како што било до сега.
Наспроти првичните најави, од изработката на просечната потрошувачка кошница се исклучени синдикатите. Како што објасни Ристески, првично заклучоците на Владата и задолжението просечната потрошувачка кошница која моментално се изработува, требаше да ја изработат во општа формулација Министерството за економија и труд, Министерството за земјоделство, Министерството за финансии, Државниот пазарен инспекторат и со припомош од Комисијата за заштита на конкуренција.
„Таа (кошницата, заб.) е веќе готова и понатаму ќе оди на усогласување со синдикатите и секако со Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачи. Исто така за да биде верификувана просечната потрошувачка кошница ќе мора да биде верификувана и гласана во Економско-социјалниот совет, кој ќе се одржи наскоро“, изјави денес Ристески, одговарајќи на прашања на новинарите пред економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени“, што се одржува во Скопје.
Ристески додаде дека просечната потрошувачка кошница ќе биде „навистина еден комплетен квалитеетн одраз на потребите на едно просечно македонско семејство“, а тоа е тричлено семејство, спрема податоците на Државниот завод за статистика. Сите податоци за формулација и конкретно за пресметување на просечната потрошувачка кошница ќе бидат земени од официјални податоци од Државниот завод за статистика и податоците од ДПИ во однос на цените на основните производи и трошоци за живот во Македонија.
„Оваа кошница нема да биде нити за креирање на јавно мислење, нити за политикантство како што претходно се правело. Оваа просечна потрошувачка кошница ќе биде за нашите потреби, за Министерството за економија и Владата во идните креирања на политики за донесување закони и одлуки, со една единствена цел, заштита на животниот стандард на граѓаните“, рече Ристески.

На прашањето кој правел политиканство, со оглед што 15 години потрошувачката кошница ја изработува и ја објавува ССМ, а не Владата, Ристески одговори дека не навлегува во тоа, но дека често пати гледале дека информациите кои произлегуваат понатаму се злоупотребуваат и не соодветствуваат на реалната состојба и потребите.
„Ние не оспоруваме, синдикатите си имаат право, борбата нивна е една, нашата борба е исто така да го заштитиме животниот стандард на граѓаните, меѓутоа врз база на релевантни податоци и политики“, рече тој.
Притоа, како што објасни просечната потрошувачка кошница во пресметките нема да користи акцизни стоки, како што се алкохол, цигари, летување во странство и тн. бидејќи тоа го сметале за луксуз. Или, пак овошје кое што не е карактеристично за одредена сезона во годината.
„Сето ќе биде врз база на релевантни податоци од цените на релевантни производи кои што се користат сезонски, меѓутоа и податоци земени од повеќе маркети. Маркети кои имаат високи цени, маркети со пониски цени односно средни цени и хард дисконти со најниски цени, како и цени од зелените пазари и локални маркети од различни региони во Македонија“, рече тој.
На прашањето дали ова значи дека граѓаните не треба да одат на одмори, заменик-министерот Ристески рече дека никој не го скратува правото на одмор, во зависност од личниот стандард, но сепак смета дека одењето во странство на одмор не е еден од податоците кои треба да влезат во пресметувањето на просечната потрошувачка кошница.
На забелешката дека и во постојната синдикална кошница не се пресметува одмор во странство, туку одмор во Дојран, тој рече дека сега нема да ги открива сите податоци, но дека просечната кошница на Владата е квалитетно изработена и наскоро ќе биде јавно презентирана.
„Јас дадов почетни формулации за кошницата, ќе има официјална прес-конференција наредната недела кога ќе бидете запознаени со начинот и со пресметката на просечната потрошувачка кошница. И да повторам, нема да служи ниту за креирање на јавното мислење, ниту за политика, туку единствено да ни даде насока како во иднина ќе ги спроведуваме економските политики во заштита на животниот стандард на граѓаните“, рече Ристески.
Новинарите исто така се интересираа дали владината кошница ќе се користи и за идните мерки за ограничување на цените односно маржите, со оглед дека постојната одлука завршува на крајот на месецов.
Ристески одговори дека одлуката навистина дава резултати, со оглед дека има дефлација во однос на претходниот месец 1,3 отсто и има намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалоци за три отсто.
„Претходно направивме одредени законски проемни посебно во Законот за заштита на потрошувачи со транспарентност на цените. Беше даден рок 45 дена за прилагодување, и со ова малите и големи и средни маркети имаат законска обврска транспарентно да ги објавуваат цените на нивните веб страници. Тоа е израелски модел што се применува во неколку држави“, рече Ристески.
Тој додаде и дека во Законот за прекршоци има измени со кои покрај парични казни, кои биле многу мали, од 500 до 10 илјади евра во зависност од големината на маркетите, сега е воведена уште една поригорозна казна, а тоа е затворање од 15 дена на маркети.
„Ќе видите во наредниот период, можеби ќе има затворање на такви маркети. И, секако оперативното делување на Комисијата за заштита на конкуренцијата која ревносно работи од месец јануари откако почнаа нејзините законски обврски и се комплетира во однос на контрола на договорите помеѓу добавувачите и трговците на мало и големо“, рече Ристески.