Одлуката за Мерко ќе ѝ помогне на Владата да се бори против корупцијата, вели Ескобар

Премиерот Ковачавески ги прашува судските органи како Американците од толку далеку истражиле корупција кај Мерко, а нашите овде не го гледаат тоа


Фото: Б. Грданоски

 

Црната листа има и свои бели моменти.

Ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на озлогласениот американски список ќе биде од помош за македонската влада во нејзината борба против корупцијата, вели заменикот-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.

Тој ова го изјави програмата на Гласот на Америка на албански јазик во заедничко гостување координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, кој нагласи дека одлуката е донесена затоа што „државниот секретар на САД имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција“.

„Според законите, кога државниот секретар ќе дојде до таков заклучок, таквата определба е правно обврзувачка, како што се случи денеска“, изјави Нефју.

Според него, ако државниот секретарот има веродостојни информации што укажуваат на вмешаност во значителна корупција тогаш треба да воведе визни ограничувања и затоа што законот „бара да се дејствува кога тие информации се достапни“.

Нефју нагласи дека засега не може да сподели конкретни докази за тоа зошто градоначалникот на Струга е ставен на американската „црна листа“, но потенцира дека според објавените информации се работи за „злоупотреба на средства и мешање во судските постапки“.

„Со оглед на природата на одлуките и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај, изјави Нефју. 

Тој истакна дека ваквите одлуки имаат цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.

Координаторот за антикорупција во Стејт департментот додаде дека САД не прават разлика дали санкциите се однесуваат на поранешен или актуелен функционер.

„Повторно, дел од причината зошто ги правиме овие работи е да ги поддржиме актерите од граѓанското општество и оние кои се обидуваат да бараат одговорност од корумпираните актери“, рече тој.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека македонските истражни и правосудни органи треба да се запрашаат како САД дошле до информации дека градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко е вмешан во значајна корупција, а тие не дошле до такви податоци изминативе години.

„Наводите кои што се наведени како основ за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга и неговото семејство се сериозни. Се работи за неколку основи и од тоа пораката е дека нашите институции, зборувам за истражните и правосудните органи, треба да ги испитаат наводите. Исто така, тие треба да се запрашаат како тоа САД дошле до такви информации на кои што ја базирале својата одлука, а се наоѓаат на неколку илјади километри од тука, а нашите органи не дошле до такви податоци во текот на сите изминати години. Ова само уште еднаш потврдува дека на нашиот истражен и правосуден систем му треба генерален ремонт со оглед на тоа дека сакаме да живееме во европска држава“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за време на доделувањето на социјални станови на семејства во Виница.

Прашан како ќе се однесува советничката група на СДСМ во Општина Струга, по одлуката на Стејт Департментот, Ковачевски рече дека сите советнички групи треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму.

Стејт департментот вчера го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за „персона нон грата“ за влез во САД, поради, како што беше наведено во соопштението, негова вмешаност во значителна корупција.

„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси, на тој начин нанесувајќи штета на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зацврстување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, се наведува во писмената изјава на портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Во одлуката на Стејт департментот се посочува дека забраната за влез во САД се однесува и на сопругата и трите полнолетни деца на Мерко. 

По објавувањето на соопштението на Стејт департментот, американската амбасадорка Анџела Агелер во објава на Фејсбук наведе дека „народот на Северна Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери и систем којшто ќе ги смета за одговорни. САД ќе продолжи да повикуваат секого – без разлика на позицијата или политичката партија – којшто ќе го поткопува владеењето на правото, загрозувајќи го напредокот и стабилност на Северна Македонија“, се наведува во објавата на Агелер на Фејсбук страницата на Амбасадата на САД.

На одлуката на Стејт департментот, синоќа реагираа од Алијансата за Албанците и од Беса, кои го поздравија прогласувањето на Рамиз Мерко за нон грата од страна на САД.

„Оваа денешна одлука е сигнал кој има потенцијал да ја врати надежта во Северна Македонија. Од денес САД докажаа дека никој не е недопирлив. И честитаме на амбасадорката Агелер за нејзината доследност и предупредувањето дека ќе има други определби во текот на оваа година. Корупцијата мора да има последици, но определбите нон грата не се доволни. Рамиз Мерко веднаш да поднесе оставка, а ДУИ да се огради од својот член на Претседателството. Обвинителството за корупција треба да отворат случај против Мерко за да обезбедат целосна одговорност за наводите на американскиот Стејт департмент и за да ја спроведат правдата“, посочија од Алијансата за Албанците.

Беса верува дека ваквата одлука е само почеток на демаскирање на корупцијата и инкриминираните функционери. 

За ВМРО-ДПМНЕ, пак најновото соопштение на Стејт Департментот го потврдили тоа што партијата подолг период наназад го зборува, „дека ДУИ е криминализирана структура“. 

„Ставањето на Рамиз Мерко од ДУИ на црната листа на САД, е институционална потврда на сите сомнежи и афери кои ги вадеше ВМРО-ДПМНЕ за кадрите на ДУИ“, изјави денеска пратеникот од опозициската партија, Мирче Аџиоски.

Од партијата на Мерко, ДУИ посочија дека се „шокирани од одлуката на Стејт департментот, но ќе ја почитуваат и ќе ја анализираат во наредните денови“. Извори од ДУИ посочија дека во наредните денови се очекува средба на претседателот на партијата Али Ахмети со претставници на американската амбасада, по што ќе одлучи дали ќе побара оставка од Мерко.

Минатата година САД на својата „црна листа“ ги ставија и поранешниот премиер Никола Груевски и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“. Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот ги санкционираше и членовите на нивните потесни семејства, кои добија забрана за влез во Америка. (Н.В.)