Одлуката за Македонија да помине низ Народното собрание, се договориле коалициските партнери во Бугарија

Шефицата на кабинетот на премиерот петков рече дека во коалицијата биле единствени, но заклучиле да ги остават експертите да работат


Малку детали има од неколкучасовната средба на коалициските партнери во владата на Бугарија за тоа дали би требало Софија да го крене ветото за Македонија на европскиот самит во јуни. Единствената работа која излезе  во јавноста е дека четирите партнери се договориле дека темата ќе мора да помине низ Народното собрание.

„Владејачката коалиција имаше многу конструктивен дијалог на темата Република Северна Македонија, потврдувајќи го ветувањето што го дадовме дека оваа тема нужно ќе помине низ Народното собрание“, рече шефицата на кабинетот на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова по состанокот на коалицискиот совет, пренесува Бугарското радио.

„Се договоривме дека за нас е најважно да имаме широк договор. Беше потврдено ветувањето што го дадовме дека оваа тема дефинитивно ќе помине низ Народното собрание“, објасни Бориславова.

Според неа, коалицијата ќе дејствува едногласно, додавајќи дека „експертите од Министерството за надворешни работи треба да се остават да работат и да го изнајдат најдобриот начин да го претстават ставот на Бугарија за ова прашање“.

Сатнислав Балабанов од Има таков народ изјави: „Во интерес на вистината, во име на конструктивен дијалог се обидовме да разговараме за жешките тем, и за Северна Македонија и за ажурирањето на буџетот. Секоја од политичките партии ги потврди своите позиции. Се надеваме на некои идни дејствија на странските дипломати и реакција од Северна Македонија“.

Пред почетокот на состанокот се јави претседателот Румен Радев кој рече дека коалициските партнери треба да ги следат одлуките на неговиот Консултативен совет од седницата одржана во јануари, да се заштити бугарскиот интерес, како и Копенхашките критериуми.

„Ако се случи сето тоа ние ќе ѝ помогнеме на најдобар начин на Северна Македонија да оди по тој пат“, рече Радев.

Средбата  траеше повеќе од три часа. Коалициските партнери потврдиле дека бугарскиот национален интерес нема да биде изневерен, по многуте изјави деновиве дека Петков подготвува „предавство“, државен преврат и слично.