Одлуката на ЛДП е легитимна, но моментот е несоодветен, вели Заев


Премиерот Зоран Заев чекорот на ЛДП нејзините пратеници да излезат од пратеничката група на СДСМ и делуваат самостојно во Собранието го оцени како легитимен, но, моментот за таквата објава, според него, не е соодветен, пред се поради тврдењата на опозицијата дека власта нема стабилно парламентарно мнозинство.

Одлуката за ваков чекор, вели, е донесена уште во текот на формирањето на владината коалиција. На овој чекор, нагласува Заев, ЛДП се одлучила поради тоа што, како што нагласиле од партијата, сакаат да бидат повидливи, бидејќи помалите партии наводно биле претопени во поголемите партии.

– Јас го разбирам тоа. Тоа е право на секој пратеник од коалицијата, па така и на секоја политичка партија. Вие знаете дека и втората по големина партија во нашата коалиција „Можеме“ – БЕСА и таа размислува, има четири пратеници, па сака пратеничка група. Нивно право е, тие може да одлучат секако да истапат, да формираат посебна пратеничка група и така да продолжиме коалициски да делуваме.Еве ЛДП има двајца пратеници сакаат самостојно да настапуваат, не како дел од целокупната пратеничка група, ама дека не е соодветно времето сега, не е соодветно времето. Во вакви околности кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно ваквиот исчекор од страна на ЛДП апсолутно е испраќање на јасна порака која што е повредување на коалициониот или заедничкиот настап, истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Таквата одлука на ЛПД, нагласува тој, дава причини новинарите и медиумите, како и народот да се запрашаат – колку и која е вистината за тоа парламентарното мнозинство.

-Јас тврдам дека имаме одлична соработка. Јас тврдам дека воопшто не е потребно тоа токму сега да го направат, можело да се почека 15 дена, месец дена, кога ваквата актуелност на темата ќе помине, но сепак ЛДП е друга политичка партија – тие си имаат свои органи и тела на одлучување како одлучиле или не. Јас синоќа искомуницирав преку генералниот секретар на СДСМ дека ова го сметам за удар врз СДСМ. Зошто? Заради тоа што не вистински временски одмерено тоа да се случи, инаку целосно е нивно право и тоа го почитувам. Нема што, сепак одлучија така да постапат, респект, почит за секој посебен политички субјект, но дефинитивно е еве причина денеска јас да одговарам на прашањата зошто е ова вака, дали е точно, дали парламентарното мнозинство постои или не. Јас верувам дека постои парламентарното мнозинство и дека во многу брзо време ќе го докажеме, ако не и повеќе од тоа што го имаме, односно повеќе од 62, изјави Заев.

Либерално-демократската партија соопшти дека донела одлука за самостојно делување на своите пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсоски. Оваа одлука била донесена на седница на Централниот одбор на партијата уште од месец август 2020 година, но се уште не била реализирана од објективни причини.