Одложено судењето за убиството на Пино Секондо, неговата мајка револтирана

Судењето за убиството на Пино Секондо денеска беше одложено, а неговата мајка, видно револтирана, бурно реагираше на ваквата одлука, со ироничен аплауз ја проследи оваа одлука. Маја Трпковска изјави дека останала без верба во судската правда за нејзиниот син.

Судењето е одложено по барање на адвокатот на одбраната, односно на 22-годишната Ангела Ѓорѓиевска која се товари како соучесничка во делото, а откако судот го прифати тоа, мајката на убиениот Пино Секондо револтирано го напушти судот

“Јас дојдов сабајлево со голема верба, сега искрено се предавам, дигам раце. Што сакаат, тоа нека прават. Моето дете назад нема да ми го вратат. Што да очекувам? Таа веќе призна. Моето дете е убиено, јас ги собирам куферите и си одам, рече Трпковска по рочиштето.

„Моето дете немаше да го најдат ако не беа медиумите кои известуваа за ова. Тоа што го најдоа не е тело, тоа се четири коски и сега мене ми е срам да кажам дека сум Македонка затоа што излегува дека во оваа држава таа што го уби моето дете има повеќе права. Додека јас протестирав, таа шест месеци седеше и леб јадеше“ рече Трпковска.

Мајката смета дека тука нема што да се суди зашто обвинетата веќе го признала делото. Исто така, таа рече дека ќе ги собере куферите и ќе си замине зашто повеќе не сака да присуствува на судењето и да го трпи ова, а за судот рече утрово влегла со полна доверба, но сега е разочарана.

„Не знам што да очекувам од овој судски процес, мене моето дете нема да ми се врати. Наредниот месец ќе се наврши година дена откако некој го има убиено моето дете и оставено животни да го јадат“, рече мајката.

Според обвинението, Пино е убиен лани во декември, а остатоците од неговото тело беа пронајдени во мај годинава. Тој со месеци се водеше за исчезнат и неговата мајка преку медиумите постојано бараше помош, апелираше надлежните да го бараат и протестираше.

Пино Секондо исчезнал на 11-ти Декември, 2018-тата година а по повеќе од 5 месеци истрага, на 29-ти Април оваа година, во атарот на скопското село Љуботен, било пронајдено неговото безживотно тело.

Адвокатот Еленко Миланов, кој ја застапува 22-годишната Ангела Ѓорѓиевска, побара одложување за да може соодветно да се подготви за одбраната на обвинетата. Иако обвинителката Лидија Раичевиќ, оцени дека одбраната имала доволно време да се подготви, судот одлучи почетокот на судскиот процес да го одложи.

Судењето ќе продолжи на 27 ноември.