Одложена пресудата за Трамп поради исплата на порно ѕвезда одложена до по изборите


Њујорк – Изрекувањето на пресудата на Доналд Трамп како дел од судењето за плаќање пари на порно ѕвезда е одложено за по претседателските избори во ноември, јавува Би-Би-Си.

Адвокатите на Трамп искористија неколку правни маневри за да го одложат изрекувањето на пресудата, кое беше закажано за 18 септември.

Хуан Мерчан, судија на Врховниот суд во Њујорк денеска го одложи изрекувањето на пресудата и го закажа за 26 ноември.

Како една од причините за одложувањето, тој ја наведе „уникатната временска рамка во која моментално стои ова прашање“. Тој напиша дека случајот бара „пресуда што целосно се фокусира на одлуката на поротата“.

– Нивната пресуда мора да се почитува и да ѝ се пристапи на начин што не се разводнува поради сериозноста на претстојните претседателски избори, додаде судијата Мерчан, согласувајќи се да го одложи изрекувањето до точно три недели по изборите на 5 ноември.

Адвокатите на Трамп побараа одложување и подоцна неуспешно се обидоа по втор пат да го префрлат случајот на федерален суд.

Во мај, поротата во Њујорк го прогласи Трамп за виновен по 34 точки од обвинение за фалсификување документи. Ова е првпат сегашен или поранешен претседател на САД да биде осуден за кривично дело.

На Трамп потенцијално му се заканува затворска казна до четири години, но судијата Мерчан исто така има опција да му досуди парична казна, условна или пократка затворска казна.