Одложена и јавната седница за „Титаник 2“, Мијалков практично ослободен


Фото: Б. Грданоски

Апелацискиот суд денес одлучи да ја одложи јавната седница за случајот „Титаник 2“ на која требаше да се разгледаат жалбите поднесени за првостепената пресуда за овој предмет. Причина за одложувањето е отсуството на четворица, од вкупно шестмина обвинети.

На седница дојдоа поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими, поранешен член на Државната изборна комисија. Во овој предмет кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание” застарува на почетокот на април. Судијата Ѓоко Ристов на 13 април закажа нова јавна седница за овој предмет и образложи дека денес, поради отсуство на дел од обвинетите не се исполнети условите за одржување на седницата за жалби.

Делото на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, практично му застарува на 7 април. Ова значи дека на него нема да му се суди за изборните нерегуларности. На јавната седница закажана за денеска не дојде обвинетиот Мендух Тачи, па пропадна обидот да се донесе брза пресуда.

Мијалков претходно побара одложување на седницата поради судењето за „Таргет-Тврдина“ закажано за денес, но сепак се појави во Апелацискиот суд во Скопје. Ибраими образложи дека не добил покана, но по допрен глас одлучил да дојде на јавната седница.

Останатите обвинети поранешни членови на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, како и лидерот на ДПА, Мендух Тачи не дојдоа во судница. Како што кажа судијата Ристов, тие не добиле уредна покана.

Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување.

Пред шест дена Апелација донесе пресуда и за „Плацови на Водно“, со која Сашо Мијалков беше ослободен од затвор и доби условна казна.