Одложена дискусијата за Македонија во ЕУ
Постојаните претставници на земјите членки во Европската унија расправата за преговарачката рамка за Северна Македонија ја одложија за в петок, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел.
Имено, КОРЕПЕР, како што скратено се нарекува Kомитетот на амбасадори на земјите членки на унијата кој вообичаено ги подготвува одлуките за министрите, требаше денеска да расправа за можноста за отворање на пристапните преговори со земјава. Меѓутоа одлуката за одложување, како што се дознава, е донесена за да се овозможи простор за дипломатски напори кои се водат на релација Берлин-Софија за да се убеди бугарската страна да не го блокира отворањето на преговорите со Скопје.
Петок е последниот ден до кој би требало да се приближат ставовите, бидејќи министрите треба да се состанат наредниот вторник, десетти ноември и тогаш би требало формално да се усвои политичката одлука за отворање на пристапните преговори со земјава со тоа што меѓународната конференција би се одржала во декември, во рамки на германското претседавање со унијата.
„Подготвени сме да прифатиме објаснувања во оваа насока и би упатиле апел и би го осудиле говорот на омраза во двете земји и сакаме да ги повикаме сите чинители да го поддржат овој апел и заедно да спречиме нов наплив на омраза во кој било правец, што би влијаело на какво било начин, дали на преговарачите или на Комисијата што се занимава со историските прашања“, рече денес портпаролот Душко Арсовски, додавајќи дека дилемите за историските прашања треба да ги разрешат експертите од двете држави.