Одложен состанокот на Комисијата за помилување


Листата за помилување на затвореници, што предизвика несогласувања меѓу министерот за правда Бојан Маричиќ и неговиот заменик Агим Нухиу, денеска нема да се разгледува на состанокот на Комисијата за помилување во рамки на Претседателот на државата.Како што беше соопштено од Кабинетот на претседателот, шефот на државата Стево Пендаровски, не добил списоци со затвореници за кои се предлага помилување пред Нова година. Од таму посочуваат дека не е закажана ниту седница на Комисијата за помилување. Поточно, дека Кабинетот на претседателот ги известил членовите дека се откажува состанокот што беше свикан за денеска во 14 часот, со извинување за доцното известување.

-Министерството за правда, засега не кажува кога ќе достават конечна листа на затвореници за кои ќе се побара намалување на затворските казни Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерството за правда со предлозите за групното помилување. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Претседател на Комисијата за помилување од неодамна е Уранија Пировска, а членови се Фехми Стафа, Љубомир Јовески, Љубомир Михајловски, Темелко Ристевски, Ерол Рушид, Томислав Кежаровски, Божин Аврамовски, Сафет Aлиу, Зора Митиќ и Билјана Петковска. Уранија Пировска е именувана за претседател на Комисијата на местото на Сабит Кранли, а нов член е новинарот Томислав Кежаровски.

Инаку, засега е познато дека бизнисменот Сеад Кочан бара да добие намалување на затворската казна за шест месеци. Постојат шпекулации дека намалена казна бара и Александар Василевски-Нинџа кој е осуден за упадот на „27 април“ и Бобан Илиќ, осуден за прегазувањето на малиот Алмир. Но, овие информации, никој не ги потврдува ниту демантира.

ТВ Алсат јави дека министерот за правда Бојан Маричиќ  официјално ја повлекол листата за помилување на затвореници. Тој ќе бара дополнителни консултации и проверки на имињата предложени за помилување.