Одложен конгресот на ЦДУ на кој требаше да се избира наследник на Меркел


Министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер ќе ја води партијата и во 2021 година (Фото: ЕПА)

Демохристијанската ЦДУ ја одложи партиската конференција поради корона вирусот и со тоа гласањето за нов лидер на партијата и веројатно кандидат за канцелар на Германија. Првично планирана за 4 декември, одлуката е преместена во 2021 година, оставајќи го сегашниот лидер Анегрет Крамп-Каренбауер на чело на почетокот на изборната година. Канцеларката Ангела Меркел потврди дека нема да бара друг мандат.

Со цел да се процени состојбата со јавното здравство и да се постави нов датум за конференцијата на партијата, ќе има уште еден состанок на комитетот на 14 декември, објави „Шпигел“. Доколку нивото на инфекции, кое е зголемено во последните неколку недели, остане константно до 14 декември, одлуката ќе биде преместена на друг состанок во средината на јануари.

Поранешниот лидер на фракцијата во парламентот и сегашен фаворит, Фридрих Мерц, беше вознемирен од доцнењето, велејќи дека тоа е намерна тактика да ѝ наштети на неговата кандидатура. Тој за весникот „АРД Моргенмагазин“ рече дека има „значителни делови од партискиот естаблишмент кои сакаат да ме спречат да станам лидер на партијата“.

Аналитичарите сметаат дека за Мерц ова најверојатно ќе биде полошо отколку за неговите опоненти, особено затоа што тој во моментот не извршува никаква политичка функција и затоа треба да работи најнапорно за да го привлече вниманието на медиумите.

Лидерот на Северна Рајна-Вестфалија и најблизок конкурент на Мерц, Армин Лашет, се залага за поместување на гласањето и потегот може да му овозможи да поврати одреден дел од теренот. „Сега мора да ги насочиме сите наши сили, енергија и напори во борба против пандемијата. Луѓето во Германија имаат помало прифаќање за партиите што се занимаваат со внатрешни проблеми“, тврди тој во „Велт ам Зонтаг“.

Пратеникот и експерт за надворешна политика, Норберт Ретген, го разбра потегот, но го нарече „горчлив“, додавајќи дека „тоа следи непредвидливост по пандемијата“. (Еурактив)