Одлични рецензии за „Медена земја“ во САД

САД – Американските медиуми, меѓу кои и влијателните „Њујорк тајмс“ и „Лос Анџелес тајмс“, објавија одлични рецензии за документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland). Македонскиот победник на „Санденс“, кој застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“ од 26 јули се прикажува во кината во САД, ги одушеви критичарите, соопшти продукцијата на филмот.

Во текстот со наслов „Бодежот и благоста“ (The Sting and the Sweetness) критичарот на „Њујорк тајмс“  A.O. Скот  вели: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна“. Нагласува дека уште во првите минути документарецот „Медена земја“ е одушевувачки, возвишен, необичен и богат со човечка и природна убавина – како на филм.

– Можеби е необично да се каже за документарен филм, но „Медена земја“ ме потсети на книгата за деца „Лоракс“ од Теодор Гајзел, познат како д-р Сеус. Тоа е одлична, длабока приказна со еколошка порака. Како и насловниот лик во таа приказна, така и Атиџе е еден вид пророк. Таа зборува во името на пчелите, пишува, меѓудругото,  рецензентот од „Њујорк тајмс“.

Филмскиот критичар Џастин Чанг во рецензијата за „Лос Анџелес тајмс“ со наслов „’Медена земја’ е потресен документарец за начин на живот што исчезнува“ (‘Honeyland’ is a heartbreaking documentary about a vanishing way of life) вели дека првите сцени од волшебниот и трогателен документарец од режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов се чудесни за гледање.

-…„Медена земја“, кој освои три награди на годинашниот „Санденс“, благородно поттикнува на коегзистирање, за животот во деликатна рамнотежа со природата. Но, исто така станува нешто повеќе: застрашувачка слика на тоа колку брзо и лесно може да се наруши тој баланс…, пушува меѓу другото во рецензијата на „Лос Анџелес тајмс“

На „Ротен томејтос“ (Rotten Tomatoes) – водечкиот онлајн агрегатор на филмски и ТВ-критики, кој важи за еден од најрелевантните ресурси за препораки на филмови, „Медена земја“ има 100 отсто позитивни коментари. Документарецот деновиве доби позитивни коментари и од: „Њујоркер“, „Венити фер“, „Ролинг стоун“, „Атлантик“, „АВ клуб“, „Ноктурнал“, „Шокја“…  За филмот пишуваат и: „Нонфикшн филм“,  „Попбрејк“, „Вокс“, „Индивајр“ и „Дедлајн“.

„Медена земја“ од 26 јули има кинодистрибуција во селектирани киносали во САД, вклучувајќи ги „Ламли ројал“ (Laemmle Royal) во Лос Анџелес и „Куад синема“ (Quad Cinema) во Њујорк.

Кон крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на фестивалот „Македокс“, по што ќе биде на редовниот репертоар во скопските кина.