Одлагањето на датумот за Македонија е грешка која не смее да се повтори


Ден по одлагањето на одлуката за почеток на преговори со Македонија, експертите за проширувањето во ЕУ за МИА предупредуваат дека оваа „стратешка грешка“ не смее да се повтори во октомври.

Македонија е „жртва“ на внатрешната политика на Европската унија, смета Роза Балфур од Германскиот Маршалов Фонд (ГМФ) и вели дека вината е целосно на страна на ЕУ во овој случај, но и дека не верува дека ЕУ би ризикувала во октомври да го изгуби сиот свој кредибилитет токму во регионот во кој е најпопуларна.

-Ако ЕУ не отвори преговори со Македонија тоа ќе биде голема стратешка грешка. За жал, прашањето се заглави во европската политика. Сакам на македонската јавност да и кажам дека треба да се биде внимателен и трпелив и дека работите може да се сменат, вели Балфур за МИА.

На слично мнение е и Тоби Вогел, поранешен новинар и долгогодишен набљудувач на односите ЕУ-Балкан.

-Колку и да сум подготвен да ја критикувам македонската влада, искрено, вината во овој случај е единствено кај Европската унија и посебно кај Франција, Германија и Холандија. Без оглед на тоа дали македонската дипломатија била или не била ефикасна, ЕУ се заложи да донесе одлука и тоа не го стори, не го испорача ветеното, коментира Вогел.

Има неколку пречки сега, а што се однесува до Северна Македонија сите се наоѓаат во ЕУ и немаат никаква врска со Македонија туку се врзани за десет години кризи во ЕУ, навистина има потешкотии да се усогласи, некои земји длабоко се загрижени дека проширувањето ќе ги влоши работите. Франција, Германија, вели Балфур.

Според неа, сепак, на уверувањата која му ги дала канцеларката Ангела Меркел на премиерот Зоран Заев треба да се има доверба, иако, признава таа, никогаш нема гаранции.

Друг проблем, освен домашната политичка сцена, со кој се соочуваат земјите членки во однос на проширувањето е што преговарачкиот процес очигледно не носи задоволителни резултати, смета Балфур.

-Има и загриженост околу тоа дека процесот на преговарање не функционира. Извештаите за други земји како Србија и Црна Гора покажаа толку малку прогрес што ги загрижува тие што го следат процесот, дека овој процес на дава резултати, дека треба да се најдат нови стратегии за да остане Балканот близок до ЕУ. Има повеќе проблеми на патот, но на крајот сум убедена дека ЕУ ќе и даде приоритет на големата слика. И мислам дека Меркел даде ветувања кои нема да ги издаде, коментира Роза Балфур.

Експертите предупредуваат и дека вчерашното одлагање на преговорите, посебно за Македонија по компромисите направени во спорот со Грција, носат значајни ризици за земјата и пошироко за регионот.

-Мислам дека има ризик да се поткопа реформскиот процес, премиерот објасни дека Преспанскиот договор беше потребен не само за добрососедските односи туку и за отворањето преговори со ЕУ и ако тие не се отворат, луѓето имаат право да прашаат зошто е сменето името. Сметам дека ЕУ направи огромна грешка и лани и оваа година и со ново одлагање ќе се испрати ужасно лош сигнал, не само за Македонија туку и за регионот, дека дури и кога испорачувате немате гаранција дека ЕУ ќе си ги исполни ветувањата, предупредува Тоби Вогел.

Според двајцата експерти, ризикот е поголем за негативна одлука за Албанија во октомври отколку за Македонија, бидејќи има едногласност дека Скопје ги исполнило сите барања, на политички и реформски план. Меѓутоа, сигналот даден вчера на Советот на општи работи во Луксембург, според нив, е загрижувачки од аспект на самата заложба на ЕУ кон проширувањето.

-Ова е кулминација на еден долгогодишен процес. Денеска поотворено се зборува за тоа дека се намалени шансите за зачленување во ЕУ. Француската државна секретарка зборува за други алатки за Балканот освен проширувањето, да јас се сложувам дека треба други алатки, но тие не смеат да го заменат проширувањето. Се наоѓаме во значаен момент и ова испраќа многу проблематичен сигнал до земјите во регионот, вели Вогел.

Роза Балфур, пак, останува оптимист и оценува дека Унијата и покрај кризите на крајот ја носи правата одлука.

-Не можеме да бидеме сигурни дека одлуката во октомври ќе биде позитивна, но во минатото и кога имало колебања, разумот надвладувал во ЕУ, вели Балфур и потсетува дека слични колебања на процесот имало и пред големото проширување во 2004-та година кон Истокот, колебања кои на крајот биле надминати.

-И во минатото се случувало земјите членки на ЕУ да се оладат, се случи тоа и пред проширувањето во 2004, имаше моменти кога имаше колебања околу одлуките. Но на крајот кога пристапниот процес донесе резултати, заклучува таа.