ОДИХР и Стразбур: Изборите беа добро организирани, но извалкани со остра реторика
Сè понегативната реторика беше за жалење и одразуваше поширока политичка фрагментација и етничка поделба, оценија набљудувачите
Добро организирани, но извалкани со остра реторика – е оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на Парламентарното собрание на Советот на Европа за изборите што се одржаа вчера. Шефот на мисијата на Стразбур дури порача дека такво нешто не видел во Швајцарија, од каде што доаѓа, но тоа го препиша на краткиот стаж во демократијата.
Според нив, гласачите имале простор за избор, но реториката станала многи негативна како се ближел денот на изборите. Набљудувачите очекувано забележаа дека финансиските срeдства обезбедени од државата за кампањата создале предност за одредени политички партии, со генерална забелешка дека во изборното законодавство има многу празнини и неконзистентности што оставаaт простор за мешање на политичките партии и добивањето несразмерно поголем пристап до медиумскиот простор и до сретствата.
Дел од препораките на ОДИХР кои се однесуваат на системски недостатоци околу изборите, според оценката на шефицата на ОДИХР, Џилијан Штирк – биде игнорирани. Тие позитивно го оценија самиот процес со единствена забелешка дека забележале семејно гласање и дека некои портали добиле реклами само за да добијат пари. За самата политичка кампања рекоа дека била одбележана со политичко фрагментирање и етнички конфронтации.
Во извештајот што беше даден на новинарите стои:
„Претседателските избори во Северна Македонија беа конкурентни и основните слободи, вклучително и слободата на медиумите, беа почитувани, но важните области на претседателскиот натпревар што вклучуваа правила за кампањата, пристапот до медиумите и распределбата на државното финансирање не се регулирани, што го поткопува клучниот принцип на правна сигурност.
Заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) утврди дека иако правната рамка создава основа за демократски избори, остануваат бројни празнини. Во исто време, врската помеѓу припадноста на политичките партии од една страна и средствата за кампања и медиумските можности од друга, резултираше со предност за кандидатите поврзани со главните партии во парламентот“, стои во извештајот.
„Ова беа конкурентни избори што се одржаа во мирна и демократска атмосфера“, рече Џилијан Штирк, која ја предводеше мисијата на ОДИХР. „Сепак, сè понегативната реторика беше за жалење и одразуваше поширока политичка фрагментација и етничка поделба. Во исто време, празнините во изборниот закон и избрзаното одобрување на законските измени не ја решија долгогодишната потреба од законски реформи. Потребна е поголема политичка волја за да се надминат овие недостатоци“, рече таа.
„Околу 1,8 милиони граѓани беа пријавени за гласање на вчерашните избори. И покрај организирањето на два избори во исто време, тековниот недостиг на кадар и недостигот на финансии, изборната администрација ги испочитува сите законски рокови и генерално уживаше доверба во јавноста. Набљудувачите севкупно го оценија денот на изборите позитивно и забележаа дека процедурите за гласање во голема мера се почитувани.
Како што се приближуваше денот на изборите, кампањата стана сè понегативна и онлајн и офлајн, вклучувајќи лични напади и повремени закани. Набљудувачите забележаа дека некои јавни инфраструктурни проекти беа објавени од официјални лица по одредувањето на датумот за избори, што потенцијално ќе доведе до злоупотреба на јавните ресурси во врска со кампањата“.
„Претседателските избори беа добро организирани и кандидатите можеа слободно да се изразуваат за време на кампањата, со што ќе им се овозможи на гласачите да направат информиран избор“, рече Алфред Хеер, кој ја предводеше делегацијата на ПССЕ.
„Додека изборната кампања за жал беше оцрнета со остра реторика, ова не влијаеше на општата атмосфера на денот на изборите, која остана мирна и без значителни инциденти“.
Во извештајoт исто така има и други генерални забелешки.
„Иако неодамнешните законски измени подобрија некои делови од рамката за финансирање на кампањите, тие не успеаја да ги подобрат системските недостатоци кои заедно со ограничените ресурси за надзорните тела и другите недостатоци значително ја ограничуваа ефективноста на надзорот врз финансирањето на кампањата. Беше забележан недостаток на целосна доверба во ефективноста на следењето на финансирањето на кампањата и одговорноста.
Додека Северна Македонија има разновиден медиумски пејзаж и слободата на медиумите генерално се почитува, онлајн медиумите во голема мера се нерегулирани, што ја нагласува потребата од дополнителни реформи. Јавниот радиодифузен сервис ги покриваше сите претседателски кандидати во согласност со законските услови, а приватните медиуми презентираа соодветни информации за претседателските кандидати во целина. Сепак, се чини дека значителен број онлајн портали за вести се создадени со единствена цел да добиваат државни средства за време на изборните кампањи и, во некои случаи, да ги канализираат овие средства кон политичките партии“, стои во оценката на ОДИХР и Стразбур.
Претседателските избори во Македонија ги набљудуваа 234 набљудувачи од 33 земји, составени од 216 експерти на ОДИХР и 18 експерти на Парламентарното собрание на Советот на Европа. (С.Ј.)