Одењето на работа со велосипед е популизам, тврди Антикорупциска

ДКСК ги нападна сите што ја критикуваат оти побарале дипломатски пасоши, а има остри зборови и за претседателката на поранешната Антикорупциска комисија


Членовите на новиот состав на Антикорупциската комисија (Фото: Б. Грданоски)

 

Донеодамнешниот премиер на Холандија и иден генерален секретар на НАТО, Марк Руте, да ти бил популист, според објаснувањето на новата Антикорупциска комисија. Руте на работа доаѓаше генерално со велосипед, а според денешното соопштение на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) „возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам“. Значи, сите оние што во Македонија одат на работа со велосипед или со автобус се дел од широко популистичко движење, кое ги отфрла автомобилите како превозно средство. 

Новиот состав на Антикорупциска се најде на удар на јавноста откако се дозна дека членовите побарале дипломатски пасоши (засега го добила само претседателката Татјана Димитровска) и дека барале службени автомобили. Како што објави „360 степени“ Антикорупциска барала во два наврати од Агенцијата за управување со одземен имот автомобили, но ниеден од оние што им биле понудени не им го фатил окото.

Дополнително, вчера во изјава за Телма, претседателката на претходниот состав на Антикорупциска, Билјана Ивановска, изјави дека ниеден од тогашните членови не побарал дипломатски пасош, а автомобилите што ги имале ги вратиле назад. Ивановска беше позната што доаѓаше на работа со велосипед, а членовите од другите градови со автобус.

Димитровска и нејзините колеги се најдоа погодени од реакциите во јавноста и во денешното сооопштение тврдат дека направиле многу во нивната работа. Тие велат дека досега и тоа во тримесечен изборен период на двојни избори досега се затворени:

  • 21 предмет од областа на судир на интереси,
  • 61 предмет од областа на спречување на корупција,
  • 107 предмети од следење на имотна состојба.

„Потенцираме дека само и единствено со вакви факти ќе ја презентираме успешноста на нашата работа, наспроти популизмот наметнат во јавноста. Сметаме дека возењето велосипеди или одењето со автобус на работа е чист популизам со кој не се оправдува бројот на незатворени предмети од претходниот состав на ДКСК“.

Новиот состав ја нападна поранешната поранешната претседателка Билјана Ивановска дека во јавноста давала „паушални изјави за секакви случаи без претходно да се провери документацијата и да се направи проценка дали има основи за отворање на предмети. Ваквиот начин на работа не треба да биде мерило за успешност или можеби треба, бидејќи факт е дека на претходната ДКСК за цел мандат ѝ беа прифатени исклучително мал број иницијативи за поведување на постапка за кривично гонење од страна на Јавното обвинителство“.

Во соопштението тие за себе велат дека се „врвни професионалци во својата област“ и дека се избрани од Собранието со консензус од сите политички партии. Тие, во еден прилично надмен тон, велат дека „Собранието е првото место за контрола и оценка на нашата работа“, а јавноста секогаш ќе биде навремено информирана за нивната работа. „Во оваа насока, а наспроти популизмот наскоро на јавноста ќе 1 го презентираме извештајот за извршената внатрешна ревизија на институцијата, при што ќе побараме од сите надлежни институции да постапат согласно своите законски надлежности“.

Во однос на дипломатски пасоши тие велат дека „според закон тоа не е привилегија, туку е само право кое служи единствено за извршување на службената должност на членовите на ДКСК и тоа право никогаш нема да се употребува за приватни цели“.

Антикорупциска во соопштението се осврнува и на прашањето на службените автомобили и вели: „Одговорно изјавуваме дека до ниту една државна институција никогаш не е испратено барање за доделување на службени автомобили на членовите на ДКСК вклучувајќи ја и претседателката Димитровска. Во рамките на ребалансот на Буџетот на РСМ, ДКСК не побарува финансиски средства за купување на автомобили“.

Но од Владата за „360 степени“ тврдат поинаку:

„Врз основа на договорот за општи и заеднички работи и услуги за 2024 година склучен со Службата за општи и заеднички работи, ДКСК во последните неколку месеци има побарано по две возила во три наврати, а едно возило за последното барање. Согласно договорот, услугата за превоз е со надоместок, односно со фактурирање“.

Кој не ја кажува вистината – Владата или Антикорупциска?

Антикорупциоенрите на крајот во соопштението велат дека „целосна дезинформација е веста дека сме побарале нови возила за секој член на Комисијата. Тоа би било спротивно со самата функција на секој член на Комисијата. Очигледно на некој му пречи објективното и законското постапување на ДКСК, штом упорно сака да ја дефокусира јавноста со пласирање неточни информации“. (Н.В.)