Одделението за организиран криминал се засилува со уште двајца обвинители


 

Јавните обвинители Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи од Основното јавно обвинителство Скопје, со одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се упатуваат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, упатувањето се врши со цел зајакнување на капацитетите за ефикасна борба против организираниот криминал и корупција, како еден од приоритетите во програмата на јавниот обвинител, Љупчо Коцевски.

Тој денеска остварил средба со Хаџи-Василева и Азизи, како и со основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК Гаврил Бубевски и Ислам Абази, при што ја поздравил одличната соработка меѓу овие две обвинителства која придонесува за поефикасен кривичен прогон.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Коцевск,и денеска се сретнал и со назначениот јавен обвинител за врски на Македонија со Европравда, Ленче Ристоска.

На средбата се разговарало за тековните состојби и предизвици во работењето на канцеларијата за врски, со особен акцент на важноста на навремена и експедитивна меѓународна соработка во кривичните постапки. Со оглед на околноста што непосредно претпоставен обвинител на обвинителот за врски е државниот обвинител, се додава во соопштението, на обвинителката ѝ беше доделена канцеларија и во Јавното обвинителство.