Одбраната на Мијалков тврдеше дека прислушувањето не било во УБК
Целата вина за прислушувањето да се префрли врз Ѕвонко Костовски, клучниот сведок на обвинителството за масовното прислушување – тоа беше концептот на одбраната на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во денешните завршни зборови во попладневниот дел од судењето за „Таргет-Тврдина“.
Првиот дел од одбраната ја презентираше адвокатот Миле Петровски, кој најмногу ги користеше сведочењата на Костовски и Зоран Верушевски и при тоа образложуваше дека нема ниту еден доказ дека Мијалков го наредил масовното прислушување, ниту пак дека бил организатор на групата за овие незаконски дејства заедно со Горан Грујевски и Надица Николиќ.
„Анализата на доказите покажува дека теоријата на случајот што го образложија обвинителите останала само теорија. Тврдењето дека Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ создале група која масовно прислушувала е без докази. Од сите докази точно е само тоа дека Мијалков им бил претпоставен на двајцата. Улогата што му се дава на Мијалков, дека е организатор за создавање на група не е точна. Тој ниту е создавач ниту извршувач. Затоа, не може да биде прогласен за виновен, зашто не постои ниту еден материјален или вербален доказ дека Мијалков им дал наредби на вработените да прислушуваат граѓани“, рече Петровски.
Според содржина на неговата одбрана, судот не може да го земе како валидно сведочењето на Ѕвонко Костовски, бидејќи самиот тој прислушувал. И дека „вешто манипулирал со лажни информации и полувистини“.
Петровски тврдеше дека дека податоците што ги изнесувал Костовски не значи дека потекнувале од системите за следење во УБК, туку можеле да бидат од кое било друго место, па и од странство. „Тие докази не само што се прибавени на незаконски начин, туку тие и не се релевантни“, рече Петровски.
За да ѝ даде контекст на одбраната, во која целата вина треба да се префрли врз Ѕвонко Костовски, адвокатот Петровски го искористи и сведочењето на Зоран Верушевски, како и на две вешти лица. Петровски посебно зборуваше за изјавата на Верушевски кој како сведок во судот изјави дека податоците кои тој ги добил не биле исти со оние што биле предадени во СЈО и дека во меѓувреме биле „компромитирани“. Според Петровски, Верушевски кажал дека тие податоци доаѓале од системи надвор од нашата држава, а не од системите во УБК каде шеф беше Сашо Мијалков.
„Не е потврдено дека под налог на Мијалков било извршено следење на комуникациите. Нема доказ дека содржината на предадените материјали во СЈО не е менувана претходно од никого“, рече Петровски.
Тој наведе и дека било неточно тврдењето за бројот на следените лица и за големината на прислушувањето.
„Целосно е недокажано обвинението дека биле следени толку многу лица за да се оствари разна корист – политички или бизнис цели. Костовски сам го правел тоа. Тој имал мотив да прислушува многу граѓани, а не пријавил до никого кога дознал дека Горан Грујевски прислушува“, рече Петровски, но не објасним кој бил мотивот на Ѕвонко Костовски сам да прислушува толку многу граѓани од различни професии.
Адвокатот Петровски исто така рече дека не е докажано дека Мијалков од кого било побарал да се изврши уништување на системите во февруари 2015, ниту пак обвинителството докажало оти тоа е направено со намера да бидат уништени можните траги дека оттаму е прислушувано, туку дека опремата застарела и не била компатибилна со новите системи.
„Зарем некој е толку неинтелигентен да прави прислушување од таков размер, а да го остави Звонко Костовски внатре и да дозволи тоа да излезе во јавноста“, рече вториот адвокат на Мијалков,Петар Василев, тврдејќи дека не директорот на екс УБК, туку Костовски уфрлал броеви за прислушкување по своја потреба. Тој тврдеше дека постои барем уште еден систем за прислушкување и тоа го утврдила израелска компанија, така што прислушкување можело да се прави и од друго место.
Адвокатот Љупчо Шврговски, пак,се повика на аболицијата дадена од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, тврдејќи дека обвинетите во овој случај не можат да се судат веќе бидејќи одлуките на Европскиот суд на човекови права имаат наднационална моќ, а тој утврдил дека не можела да се поништи одлуката за помилување за него, за Гордана Јанкуловска и за останатите.
Пред Мијалков својата одбрана ја дадоа и Тони Јакимовски и Надица Николиќ. Тие тврдеа дека се целосно невини и дека треба да бидат ослободени од обвинението. (Н.В.)