Одбраната на Јанева смета дека доказите се презентирале селективно


Одбраната на Катица Јанева вели дека обвинителката Вилма Русковска селективно ги презентирала доказите кои вели дека ги има за случајот „Рекет”. Адвокатите на Јанева не отстапуваат од ставот дека нема докази кои укажуваат дека поранешената шефица на СЈО, Јанева сторила кривично дело.

„Обвинителката селективно ги презентираше доказите, ете реагираше и обвинетиот Бојан, но не знам зошто доказите се презентираа на тој начин. Кога тој бара доказ од одреден датум, значи на тој датум има нешто што тој смета дека е важно”, изјави по рочиштето адвокатот Дељо Кадиев, кој е бранител на обвинетата Катица Јанева.

Тој додаде дека поднесена е приватна тужба за неовластено снимање и дека обвинувањата на Русковска дека бранат нешто што е неодбранливо се неиздржани.

„Ние поднесовме приватна тужба за неовластено снимање. Неиздржани се обвинувањата на обвинителката Вилма Русковска дека браниме нешто неодбранливо и остануваме на ставот дека нема ниту еден доказ со кој се докажува дека Катица Јанева сторила кривично дело”, вели адвокатот Дељо Кадиев.