Одбраната чека одлука за барањето за ослободување на Јанева од притвор


Фото: Б. Грданоски

Кривичниот совет во Кривичниот суд – Скопје не донел сѐ уште одлука по барањето на одбраната на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за таа да се брани од слобода за случајот „Рекет“, каде што е третоосомничена. Од судот ни посочија дека барањето на одбраната е во постапка, додека одлуката што вчера ја донесе Кривичниот совет за продолжување на притворот на Јанева за нови 30 дена е испратена кај судијата на претходна постапка и тој би требало да ја добие во текот на денешниот ден.

Иако вчера Кривичниот совет го прифати барањето на Обвинителството за продолжување на притворот на Јанева, упатените велат дека теоретски е можна и позитивна одлука во однос на барањето на одбраната за ослободување на поранешната специјална обвинителка од притвор. Во таков случај ќе треба да се обезбеди правосилност на одлуката по едно од барањата, за што би пресудил Апелацискиот суд.

Адвокатката на Јанева Ирена Фрчкоска вели дека одбраната има право на жалба по одлуката за продолжување на притворот, ама дека ќе ја почека одлуката по нејзиното барање обвинителката да се брани од слобода.

-Треба да се има предвид дека сегашните околности се поинакви во однос на околностите пред 30 дена кога на Јанева ѝ беше одреден притвор. Станува збор за најтешка мерка за обезбедување присуство на осомничен, иако  во овој случај се анулирани сите основи поради кои Јанева би била во притвор, како што се можност за влиание на сведоци, за повторување на делото или бегство… Пред да го поднесеме барањето ја почекавме и конечната одлука во однос на СЈО на Советот на јавни обвинители во понеделникот – ни изјави Фрчкоска.

Имотот на Јанева е понуден како гаранција за нејзино пуштање да се брани од слобода. Првите 30 дена притвор што и беа определени на поранешната специјална обвинителка истекуваат денеска.  (А.М.М.)