Одбојкарите Милков и Стошиќ нема да патуваат на пријателскиот двомеч со Романија


По две недели силни физички тренинзи и потоа уште две на тактичко-технички план, македонската одбојкарска репрезентација има само уште три дена работа во Маврово. На собир се петнаесетмина играчи, а од списокот на селекторот Никола Матијашевиќ сега недостасува само Марко Јуниор Стошиќ. Повредата на стомачните мускули значи дека тој не само што нема да работи деновиве со тимот, туку и нема да патува во Крајова на првите контролни мечеви претстојниот викенд, соопштија од ОФМ.

Со оглед дека се приклучи подоцна и се уште физички не е на потребното ниво, против Романците нема да игра ниту Александар Милков.

По двомечот со Романија, одбојкарите ќе се вратат во Скопје каде што од 23 до 25 овој месец ќе одиграат два натпревара и ќе имаат еден заеднички тренинг со Шведска, а на 30 и на 31 ќе се тестираат на традиционалниот турнир „Чајка“ на којшто ќе учестуваат Белгија, Бугарија и Украина. Потоа следува уште еден двомеч, но на гостински терен во Австрија како последна проверка пред Европскиот шампионат.

На ЕП кое ќе се игра од 12 до 29 септември, Македонија е во група со Финска, Турција, Русија, Белорусија и домаќинот Словенија.