Одбивањето на Фрчкоски не е преседан ни за САД, ни за дипломатијата


Бујар Османи и американската амбасадорка Кејт Брнз на покривот на МНР

Слична судбина имаше кандидатурата на Радмила Кипријанова во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива, која не стигна до тоа да не добие агреман, бидејќи САД веднаш сигнализираа дека нема да ја прифатат

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се мачеше денес да им објасни на медиумите дека давањето агремани на кандидат за амбасадор е доверлива постапка –  не толку за нас, колку за земјите во кои се упатуваат, за да имаат простор да изразат несогласување со изборот на нашата Влада. Османи практично ни демантираше ни потврдуваше, што остави простор да се плетат приказни за наводните причини и да се драматизира одбивањето на Љубомир Фрчкоски како преседан „што не се памети во нашата држава“. 

Со мало проветрување на меморијата станува јасно дека Фрчкоски не е прв кандидат за амбасадор што не добил агреман, па не е ни прв за кој САД изразиле резерва како иден амбасадор, иако во различна фаза од постапката. Слична судбина имаше кандидатурата на Радмила Кипријанова во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива, која не стигна до тоа да не добие агреман, бидејќи САД веднаш сигнализираа дека нема да ја прифатат.

Агреман со медиумски, а веројатно и политички притисоци, едвај доби амбасадорот во Албанија, Веле Трпевски, бидејќи Тирана според албанските медиуми беше навредена што ѝ праќаат млад неискусен бирократ. По подолго чекање и јасна порака од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ дека немаат намера да го повлечат, Тирана му даде агреман.

Има и посвеж пример: откако шефот на дипломатијата Бујар Османи јавно се пофали на Фејсбук дека се именувани дванаесет нови амбасадори Албанци, неофицијално еден од нив, кандидатот за Рим, Рами Реџепи, не добил агреман од италијанските власти. Реџепи претходно беше амбасадор во Сараево, но зошто не поминал во Рим не е познато бидејќи никој не го објави тој факт.

Не отиде амбасадор ни Васко Грков, кој требаше да замине во Белград, но постапката беше запрена во Собранието на барање на шефот на дипломатијата, бидејќи во меѓувреме, пред да ги одбрани тезите а откако доби агреман, учествувал во настан следен од службите во Србија, па по нивно барање најверојатно беше дискретно повлечен. 

И тоа не е сѐ. Агреман не доби и несудената амбасадорка на Бранко Црвенковски во Катар, Милка Кировска, неофицијално бидејќи таму не сакале амбасадор жена (иако има амбасадорки во Катар од посилни земји), а официјално бидејќи нашиот времен преставник таму не го ни поднел барањето за агреман. 

Јавноста изминативе два дена лицитира со причините за одбивањето на Фрчкоски, од тоа дека бил женомрзец, атентатор, тепал жени, па до тврдењето дека надвладеало лобирањето на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која најавила дека нема да соработува со него. ОМД сепак нема такво влијание, па ни углед во САД, а последните години очигледно нема углед ни во Македонија, откако се претвори во мегафон на екс-претседателот Ѓорге Иванов и структурите околу него и ВМРО-ДПМНЕ.

Според неофицијални информации, откако нашиот преставник во НАТО не доби НАТО сертификат бидејќи меѓудругото играл тенис со руски дипломат, можно е и Фрчкоски да паднал на истиот испит, бидејќи како визитинг професор држел предавања на руски државен универзитет подолг период.

Од амбасадата на САД денеска исто така не сакаа да коментираат ништо околу  извештаите за одбивањето на агреманот, иако две ипол години е празна нашата амбасада. Амбасадорката Кејт Брнз вчера објави информација и фотографија од средба во МНР со Бујар Османи, на која порача дека стратешкото партнерство на САД и Македонија ќе расте и ќе напредува. Средбата се случи непосредно пред да се објави информацијата за одбивањето на Фрчкоски, кое пак отвора врата за амбасадор Албанец во САД бидејќи на листата за кандидати од ДУИ се форсираше Теута Арифи  – и покрај нејзиното катастрофално градоначалникување со Тетово. (С.Ј.)