Одбележување на денот на Првата пешадиска бригада


Во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец денеска со воена свеченост ќе се одбележи денот на Првата пешадиска бригада (1.пбр).

Денот на единицата, како што е најавено, ќе се одбележи со прогласување на најдобрата единица од составот на бригадата, доделување стимулативни мерки и награди, свечено дефиле на единиците и тактичко технички збор на вооружувањето и опремата со кои располага бригадата.

Во рамки на прославата е предвидено обраќање од командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на 1.пбр бригаден генерал Сашко Лафчиски.

Првата пешадиска бригада го прославува втори април како Ден на единицата, како ден кога по превземање на задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, единицата е трансформирана во најголемата борбена единица во Армијата со застапеност од повеќе армиски родови.

На свеченоста ќе присуствуваат, заменик на началникот на генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во министерството за одбрана, Владимир Анчев, посебниот советник за безбедност од кабинетот на Претседателот, Блерим Кољали, генерали од Армијата, поранешни команданти на единицата, воени раководители од генералштабот и министерството за одбрана и претставници на локалната самоуправа и организациите со кои соработува единицата.