Одбележување на 8 Декември – Св. Климент Охридски


По повод празникот 8 Декември – Св. Климент Охридски, делегација на Владата, во чиј состав ќе бидат вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ќе положи цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски во НУБ „Св. Климент Охридски“.

Пред споменикот цвеќе ќе положи и делегација на Собранието, во состав од пратениците Горан Мисовски, Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска. 

Митрополитот преспанско пелагониски и администратор австралиско новозеландски г. Петар (Каревски) во 1982 година во Рим, на престижниот Грегоријански Папски Универзитет, ја одбрани магистерската теза со наслов „Духовната доктрина на свети Климент Охридски“.

Трудот изработен под менторство на професорот П. Томас Шпидлик, публикуван од Преспанско-пелагониската Православна Епархија е фокусиран на животот и делото на свети Климент Охридски, нуди богато авторско истражување и ретки податоци во пет поглавја за кои од италијански, превод на македонски јазик направи м-р Момчило Павловиќ.

Свети Климент Охридски е најдобриот следбеник на светите Браќа. Носејќи го со себе нивниот дух, тој го изградил најважното училиште од Охридската школа, првиот Универзитет на Балканот. Како учител, во периодот од 886 до 893 година, бил неуморлив во работата, создавајќи генерации на учени млади лица. Поради својата педагошка важност, треба да се знае дека 3.500 ученици изучиле во неговото училиште. Неговите следбеници протоѓакони, ѓакони и презвитери, биле испраќани во нутрите (парохиите), по 300 во секоја одделно. Некои од научниците ги подвлекуваат неговите заложби во економијата, во изградбата на болници, меѓутоа доволни би биле и заслугите што македонскиот словенски народ, поради негова грижа, направил важни чекори во културата, и не само од етничка гледна точка, посочува митрополитот г. Петар во трудот и додава дека свети Климент Охридски како учител имал прекрасен дидактичко-педагошки метод за кој што во Долгото житие се вели: -Ние никогаш не го имавме видено без работа, туку секогаш, дење и ноќе ги учеше младите да читаат и пишуваат на различни начини, некому покажуваше како се пишуваат буквите, на другите им ја појаснуваше смислата на Писмото, а на трети пак им ја водеше раката за да пишуваат. Понекогаш во исто време правеше две работи, пишуваше книги и ги подготвуваше младите за некоја наука.

Свети Климент просветител и проповедник

Епископската титула го поттикнала свети Климент да го извршува своето дело со уште поголем жар и посветеност. Тој како непосреден следбеник на литературното дело на светите Браќа, лично како автор се стремел за ширење на христијанската наука меѓу Словените со пишан збор и силно ја бранел науката и глаголското писмо кои што ги добил од своите учители. Зачувувањето на глаголицата претставува една од најважните карактеритики на Охридското училиште, нагласува митрополитот г. Петар во својот труд.

-Свети Климент Охридски бил првиот пишувач на словенски јазик на Балканскиот Полуостров. Неговите пишани дела не биле целосно откриени, а кај нас се стигнати како преписи. Првото дело на свети Климент било откриено во 1840 година од теологот и славист В.Ундолскиј (1816-1864). Бројот на дела напишани од свети Климент е непознат, но извесно е дека меѓу другото има напишано 16 беседи и две житија за светите Браќа. Во литературата се наведуваат уште 60 беседи проповеди кои што според јазикот, стилот и содржината, сигурно му припаѓаат на свети Климент, се нагласува во трудот „Духовната доктрина на Свети Климент Охридски“.

Во записите на Свети Климент верата е секогаш придружена со љубовта-„мораме да го сакаме Бога со сето срце, со сите мисли и со целиот ум, како ближниот, како самите себе“. Верата ги држи сите сили на душата, таа потекнува од длабочината на нашето битие, го движи разумот, волјата и чувствата. Верата, надежта и љубовта во записите на св. Климент Охридски соодветствуваат на духовните теми, односно молитвата, постот и милостината. Без молитва не е возможна духовност, молењето е човечка активност, највозвишено соврешенство на неговото дијалошко битие. Свети Климент препорачувал соборна молитва во црквата, тој инсистирал на заедничка молитва, особено за време на Литургија, каде што преку принесувањето на заеднички молитви се изразува универзалниот карактер на целата црква.

Празниците на светителите

Кога ги славиме празниците на светителите мора да се земе нивниот пример, нивната чистота, нивните доблести. –Мораме да ги следиме со нашето дело, со чистотата на нашата душа, просветлувајќи ги нашите срца и правејќи секогаш свети дела, посочува митрополитот г. Петар во неговиот магистерски труд посветен на Свети Климент Охридски.

Проповедите на свети Климент се малку едноставни, меѓутоа се полни со лични примери и извонредна оригиналност. Тој секогаш велел дека човекот е одговорен за секоја грешна активност која што се искажува во личниот и општествениот живот. Во таа смисла, заклучува митрополитот г. Петар, треба да се проучуваат различните духовни теми во делата на свети Климент Охридски затоа што со постојано проучување на нив, ние всушност доаѓаме до заклучок дека молитвата претставува една сеопфатна целина преку која човекот се спасува.

Свети Климент бил вистински учител, епископ и испосник, го читал Светото Писмо и делата на Светите Отци. Пишувал, преведувал, се грижел црквите да поседуваат словенски црковни книги. Во својата старост, иако болен, на кревет го преведувал Цветниот Триод од грчки на словенски. Потоа, откако починал, бил погребан (916 г.) во гробот што самиот за себе го имал ископано во задниот десен дел од храмот во својот манастир Свети Пантелејмон. Неговото свето тело останало во гробот во охридскиот манастир се до 15. век, а по уништувањето на манастирот, верниците го однеле неговото свето тело во црквата Света Богородица Перивлепта, а по Втората светска војна, во црквата Свети Никола Геракомија.

Денес, моштите на свети Климент Охридски се во гробот на Плаошник во Охрид каде се наоѓаат Светиклиментовата црква и Светиклиментовиот универзитет.